СПАСОВСКИ СЕ ПОФАЛИ ДЕКА ИСЧЕЗНАЛЕ ОГЛАСИТЕ ЗА ГРУПНИ ПРОСЛАВИ НА НОВА ГОДИНА ОТКАКО ПОЧНАЛ ДА АПЕЛИРА

    СПАСОВСКИ СЕ ПОФАЛИ ДЕКА ИСЧЕЗНАЛЕ ОГЛАСИТЕ ЗА ГРУПНИ ПРОСЛАВИ НА НОВА ГОДИНА ОТКАКО ПОЧНАЛ ДА АПЕЛИРАОва е момент да празнуваме дома, вели Спасовски. (Фото: МВР)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се пофали дека полицијата го следи издавањето на објекти за прославување на претстојните празници и апелира тоа да не се прави и поради тоа е драстично намален бројот на огласи за групни прослави. Тој додаде дека МВР има изготвено посебен оперативен план за ноќта на 31 декември и утредента на први јануари за да се спречи ширењето на коронавирусот.

    „Веќе започнавме во секторот за превенција активно да работиме деновиве и проверуваме кој кому издава викендици, куќи, локали… Се согласувам дека не постои забрана да издадете викендица, но на едно семејство, на четири, пет, шест лица, тоа не е проблем, но проблем е дека издаваат за 20, 30, па и 40 луѓе. И сега драстично е намален бројот на огласите откако започнавме со апели и проверки. Ова е момент да празнуваме дома и очекувам дека сè ќе биде во најдобар ред”, рече Спасовски во гостувањето во „Студио 10“ на телевизија 24.

    Министерот апелираше за совесно прославување на новогодишната ноќ, без поголеми групирања. Тој најави дека секое лице кое нема да се придржува до пропишаните мерки и директно го загрозува јавното здравје ќе сноси кривична одговорност.

    За празнувањето на верските празници кои што следуваат Спасовски рече дека ќе разговара со верските заедници и Комисијата за заразни болести.

    К. СЕЛАМОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира