СПОРОТ ЗА ИМЕТО БИ СЕ РЕШИЛ АКО ГРЦИЈА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВ

    СПОРОТ ЗА ИМЕТО БИ СЕ РЕШИЛ АКО ГРЦИЈА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВМинистерот Никола Димитров учествуваше на Форумот за безбедноста во југоисточна Европа што заврши вчера во Дубровник

     

    Ако Грција не ја блокира Македонија за влез во НАТО ќе настане многу позитивна клима за решавање на спорот за името, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за хрватската телевизија Н1. Во интервјуто објавено денеска, а направено на Форумот за безбедноста во југоисточна Европа што заврши вчера во Дубровник, Димитров вели и дека Македонија по промената на власта им пристапува на соседите без предрасуди и страв и дека „всушнот не ни требаат стотици споменици на Плоштад за да бидеме горди Македонци“.

    „Мојата порака во Атина беше следнава: Ве молиме за поддршка, сметаме дека мора да промислите каков сосед сакате да имате. Во Македонија сега сме силно посветени на изградба на европска демократија која се темели на владеење на правото и веруваме деа е од интерес на Грција да има таков сосед. Им порачав дека долгогодишното блокирање на соседната држава во нејзините најважни стратешки цели нужно не создава конструктивна средина, туку сите нè прави дефанзивни и го појачува чувството на страв. Со оглед дека Грција може да го искористи своето влијание како членка на ЕУ и НАТО, може да постави низа препреки на нашот пат кон иднината. Но, ако нѐ пушти во НАТО, ќе настане многу позитивна клима за решавање на спорот за името. А и тоа ќе има многу смирувачко влијание врз регионот кој во последниве неколку месеци, дури и во последниве неколку години не е баш во најсреќна ситуација“, рече Димитров и додаде:

    „Грците одговорија дека не се спремни да дадат зелено светло за наше членство спрема одредбите на референтната рамка на ОН, но мојот одговор беше дека нема да престанеме да се обидуваме да ги убедиме на пристоен начин и со позитивни пораки. Разговаравме за мерките за градење доверба. Додадовме повеќе ‘месо’ на тој костур, а на крајот на август министерот Коцијас ќе дојде во возвратна посета. Станува збор за долготраен спор кој не може да се реши преку ноќ. Но наша задача е да се создаде соодветен контекст како темел за натамошни чекори. Мора да работиме на домашен план. Зашто, ова прашање е од исклучителна важност за македонскиот идентитет, тоа не треба посебно да се нагласува. Затоа, ни треба соработка меѓу сите клучни политички актери и создавање национален консензус во инклузивен процес“.

    Во врска со европската перспектива на Балканот, Димитров смета дека визијата е јасна, но на некој начин е доведена во прашање и дека за тоа ќе треба појасна перспектива, една похрабра Европа која ќе се осмели да каже „Ова е погрешно“.

    „Ако се воочи значаен недостиг на демократија, пораката упатена на јавноста мора да биде дека тоа е погрешно. Значи, Европа самата себеси мора да се сфати сериозно и пак мора да биде амбициозна. Мора да користи и морков и стап, но и мора да биде поискрена. Мислам дека тоа ќе му помогне на Балканот“, вели Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира