За САКАМДАКАЖАМ.МК од Вашингтон, Горан Михајловски
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека македонската власт е спремна уште сега во парламентот да ги усвои уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата, но тие уставни измени да бидат ефективни кога земјата ќе ги заврши преговорите и кога пристапниот протокол ќе биде ратификуван од парламентите на сите 27 земји членки на ЕУ, одговарајќи на прашање која е неговата стратегија земјата да ги почне преговорите со ЕУ, на настан во Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД.
Мицкоски, кој кажа дека за самитот на НАТО во Вашингтон е претставен како премиер на Северна Македонија и поради тоа има мачнина во стомакот, вели дека првин ЕУ треба да ја убеди Бугарија да имплементира барем три решенија на Судот во Стразбур во врска со македонското малцинство, бидејќи, во спротивно, не може да верува дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последниот услов за нас.
„И кое е решението? Ние кажавме, и напишавме во нашата изборна програма, дека сме подготвени да ги усвоиме уставните измени во парламентот сега. Но, тие да станат ефективни кога ќе ги завршиме преговорите и кога пристапниот протокол ќе биде ратификуван од парламентите на сите 27 земји членки. Бидејќи, извинете, ние сме биле предадени премногу пати во минатото. И за жал, не можам да верувам дека ова ќе биде последниот услов што вештачки ни се наметнува. Сите тие гласови ми велат, види Христијан, ние гарантираме дека ова е последното. Јас им велам, видете, ок, јас верувам. Му верувам на Брисел, му верувам на Берлин, му верувам на Рим. Но, знам кому не можам да му верувам. Затоа, ве молам обидете се да ме уверите со тоа што првин ќе ги убедите властите кај нашиот источен сосед да имплементира барем три решенија што доаѓаат од судот во Стразбур“, вели Мицкоски.
Премиерот кажа дека никој не се спротивставува во Преамбулата да бидат ставени „неколку стотици наши сограѓани кои тврдат дека се дел од бугарската заедница во земјата“, но додава дека нема одговор на прашањето дали тоа ќе биде последното барање.
„Ние ќе можеме да ги почнеме преговорите ако ставиме во нашата преамбула неколку стотици наши сограѓани кои тврдат дека се дел од бугарската заедница во земјата. И тоа е ок. Никој не се спротивставува. Но, дали ова е последното барање, кој може да гарантира дека ова е последното? Ок, ние немаме одговор на тоа прашање. Да видиме дали има потреба од таков чекор. Дали нечии човекови права се нарушени, тоа може да биде спорно. Која институција во Европа е надлежна да суди дали нечии човекови права се нарушени? Ние зборуваме за Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Да го видиме резултатот. Ние имаме 14 пресуди од судот во Стразбур кои велат дека човековите права на македонската заедница во Бугарија се нарушени или ограничени, и нула за бугарската заедница во мојата земја. 14 наспрема 0. Тогаш, имате логично прашање, чии права можат да бидат нарушени и зошто има потреба од таков чекор?“, вели Мицкоски.
Понатаму, Мицкоски кажа дека веќе не важи правилото на едногласност во ЕУ, откако ЕУ без унгарскиот премиер Виктор Орбан донесе одлука за поддршка на Украина.
„Гласови и гласови од Брисел доаѓаат и ви велат, знаете, во право сте, вашиот аргумент е таков каков што е, но знаете, има правило на едногласност, ок? Има правило на едногласност во процесот на носење одлуки во Европската унија. Но, да видиме што се случи минатиот декември за време на состанокот на Европскиот совет кога на масата беше одлуката за идна поддршка на Украина и кога една личност ја напушти собата. Така што, нема повеќе правило на едногласност. Има правило на отсутно лице. Тоа значи, ако има волја, има и начин. За жал, веројатно недостасува волја“, кажа Мицкоски на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, кој почнува вечерва со настан за прослава на 75-годишнината од формирањето на алијансата. Средбата на Северноатлантскиот совет на ниво на лидери на држави и влади е закажан за утре во 13 часот, по локално време.