Дел од средношколците не добиле известување дека им следува платежна картичка од 3.000 денари од Владата, ниту пак можат да поднесат приговор бидејќи e пребукирана електронската адреса. Средношколци се јавија во нашата редакција објаснувајќи дека иако ги исполнуваат условите односно имаат над 16 години и учат во државно училиште, не се известени, ниту пак ги има во листата на веб страната ‘купувај домашно‘ на Владата, каде со внесување на матичен број можат да проверат дали им следува платежна картичка.
„Откако нѐ немаше на списокот, решивме да поднесеме приговор на електронската адреса која е оставена за таа намена, [email protected]. Но, пораката ни се враќа со известување дека преполно е сандачето и затоа не можеме да го испратиме меилот“,велат средношколци од Скопје.
Од Министерсвото за образование велат дека не знаат каде е настанат проблемот бидејќи од кај нив сите списоци на средношколци од електронскиот дневник се испратени до Генералниот секретаријат на Владата.
Од Владата не добивме одговор каде е настанат проблемот. Ни дадоа објаснување кој може да добие платежна картичка и каква е процедурата за поплаки доколку лицата не се во листата, истото што беше кажано на неколку прес-конференции. Но, не кажаа зошто дел од средношколците ги нема на списоците и зошто меил адресата на која треба да се праќаат приговори не работи.
А. АНТЕВСКА