СРПСКО-РУСКАТА „НЕФА МЕБЕЛ“ ЗАТВОРИ ПРЕКУ НОЌ, СТОТИЦИ КУПУВАЧИ ВО МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТЕНИТЕ НАРАЧКИ

    СРПСКО-РУСКАТА „НЕФА МЕБЕЛ“ ЗАТВОРИ ПРЕКУ НОЌ, СТОТИЦИ КУПУВАЧИ ВО МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТЕНИТЕ НАРАЧКИВо Македонија, компанијата има 3 продавници во Скопје - во Сити мол, Капитол Мол и ГТЦ, и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово, но во четвртокот попладнето сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им дадат информации како да ги добијат нарачките. (Фото: Фејсбук)

    Српско-руската фирма за мебел „Нефа мебел“ вчера без најава ги затвори сите продавници во Србија и Македонија, а стотици купувачи во обете земји останаа без можност да ги добијат однапред платените нарачки. Руската компанија „Спилит“ која го призведува мебелот што го продава „Нефа“, пред два дена преку ноќ побегна од Врање и остави долгови и 300 работници без работа, објавија српските медиуми.

    Во Македонија, компанијата има 3 продавници во Скопје – во Сити мол, Капитол Мол и ГТЦ, и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово, но вчера попладнето сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им дадат информации како да ги добијат нарачките. Исто така, избришани се и српската и македонската веб страница и фејсбук страните.

    „Бев во сите продавници, а и во скопскиот магацин, тој беше затворен, но продавачите немаат информации дали и кога ќе ни биде испорачан купениот мебел што го плативме со рок за испорака од 35 дена. Ни рекоа да дојдеме в понеделник, ама не верувам дека ќе отворат“, вели скопјанец кој не ја добил гарнитурата платена 20.000 денари.

    Тој вели дека со повеќемина купувачи го пријавиле случајот во Агенцијата за заштита на потрошувачите, но не знае дали тоа ќе помогне да си ги добијат нарачките.

    Вчера во Белград, гневните купувачи провалиле во магацинот и однеле што нашле, а исто така провалиле и во деловните простории на руската фирма „Спилит“ и однеле што им дошло при рака – компјутери, столици, телевизори.  (Фото:  Блиц)

    Вчера во Белград, гневните купувачи провалиле во магацинот и однеле што нашле, а исто така провалиле и во деловните простории на руската фирма „Спилит“ и однеле што им дошло при рака – компјутери, столици, телевизори. Купувачите велат дека продавницата примала нарачки до минатата недела, а некои имаат порачки и до илјада евра.

    Српските медиуми велат дека според податоците на српската Агенција за стопански регистри, 49 отсто од „Спилит“ е сопствениост на белградски „Холодекс“, а 51 отсто на рускиот партнер „ООО Корољ Диванов“, додека „Холодекс“ е стопроцентен сопственик на „Нефа мебел“. Зад обете фирми стои рускиот бизнисмен Андреј Ходашевич, сопственик на две големи фабрики за мебел во Русија, „Много мебел“ и „Корол Диванов“. Доказ дека двете компании се поврзани е фактот оти веднаш штом „Спилит“ заминал од Врање, интернет и фејсбук страниците на „Нефа мебел“ во Србија, а од денеска и во Македонија се изгасени.

    Исто така, преку ноќ Србија ја напуштил и директорот на „Нефа мебел“, кој на менаџерите по е-пошта им кажал дека „заради технички преглед на автомобилот мора итно да замине во Русија“, велат српските медиуми.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира