Актуелниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е претседателски кандидат на ГРОМ за претстојните избори. Јакимовски денеска по седницата на Централниот одбор на ГРОМ кажа дека неговата партија одлучила тој да биде кандидат за претседател на државата поради богато политичко искуство.
„Имајќи го предвид моето долгогодишно искуство, белата коса и резултатите кои во моето работно и политичко дејствување сум ги направил, како и секогаш јасните политички ставови кои сум ги изразувал, тоа им даде за право на моите колеги да ме предложат за оваа за мене најважна функција“, рече Јакимовски.
Тој кажа дека денеска граѓаните се разочарани како никогаш порано, а бесперспективата е дојдена на најголемо ниво, па затоа тој решил да влезе во трката за претседател.
„За мене е важно Македонија да биде горда, а фактите покажуваат дека земјава досега е само понижувана. Во оваа кампања мора да одговориме на неколку прашања, што ако 2030 не влеземе во Европска унија, што ако не добиеме датум за преговории, дали и понатаму вака ќе седиме и ќе чмаеме, ќе чекаме друг да ни ги решава проблемите или ќе наоѓаме решенија за подобар живот на граѓаните“, рече Јакимовски.
Јакимовски имаше обвинение од август 2018, каде беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата, дека како градоначалник дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација. Ова дело застаре со амнестијата преку застарување на делата што лани ја изгласа Собранието со измените на Кривичниот законик кои се донесоа со европско знаменце.
Пред актуелниот мандат што го доби на Локалните избори 2021, Јакимовски беше градоначалник на Карпош од 200-2003 и од 2009-2017. Последните години од неговиот претходен мандат како градоначалним на Карпош беа одбележани со низа граѓански протести против бетонизацијата на Општината со масовните промени на плановите кои дозволија да се градат блокови висококатници, на кои Јакимовски беше обвинет дека е уништувач на зеленилото и квалитетот на живот во Карпош. Како актуелен градоначалник на Карпош, Јакимовски на почетокот на месецов ја потпишал градежната дозвола за изградба на спорната 17-катница за 2.000 жители среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека пратеничката и професорка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на повикот за кандидати за претседател. За нејзината кандидатура ќе се одлучува на конгресот за избор на претседателски кандидат. Таа беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и на претходните претедателски избори.
СДСМ деновиве треба да донесе одлука кој ќе биде нивни претседателски кандат. Според партиски извори, тоа ќе биде актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Кандидатура за претседателка објави и професорката Билјана Ванкова како кандидатка на Левица, како и Арбен Таравари како кандидат на опозициските албански партии во коалицијата „Вредности“.
Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.
А. АНТЕВСКА