СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ Е САМО ЕДЕН ОД 10 КАНДИДАТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ Е САМО ЕДЕН ОД 10 КАНДИДАТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВЕЛИ ЗАЕВПремиерот Заев рече дека веќе попладне ќе се соберат да ги разгледаат кандидатите и дека е оптимист оти уште вечерва ќе се знае кој е заедничкиот кандидат. - Стево Пендаровски (Фото: СДК.МК)

    Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев кажа дека Стево Пендаровски е еден од 10-те кандидати за кои ќе разговараат денес со сите политички партии кои се согласиле да излезат со заеднички кандидат на претстојните претседателски избори. Тој рече дека веќе попладне ќе се соберат да ги разгледаат кандидатите и дека е оптимист оти уште вечерва ќе се знае кој е заедничкиот кандидат.

    „Некаде попладне ќе се собереме од сите политички партии кои се согласија на заеднички кандидат. Десет имиња има за разгледување секако. Имаме и свои фаворити, бидејќи граѓаните ни испратија јасна порака со тоа кој сакаат да биде претседател на нашата земја. Ќе ги земеме сите аналитички аспекти, во смисла идниот претседател на Република Северна Македонија да биде претседател на сите граѓани и сите да го чувствуваат за свој, а истовремено веруваме дека ќе биде доволно мотивирачки фактор за да има голема излезност на самите избори. Ние денес во 16 часот прв пат седнуваме да разглобуваме имиња, така што ќе ги разгледаме сите имиња. Имаме квалитетни кандидати и верувам дека заедно здружено сите ќе донесеме мудра одлука“, рече Заев при посетата на „Алкалоид“.

    На прашањето што со кандидатите за претседател што се јавиле на конкурсот на СДСМ, Заев кажа дека уште од вторникот работните групи во партијата ги разгледуваат нивните автобиографии со нивниот бекграунд.

    „И денес работат работните групи и во СДСМ, но и во сите други политички партии работат. Отприлика имам сублимат на преферирање од сите други политички партии, како појдовна основа за разгледување. И кога настапувате со заеднички кандидат каде настапувате со повеќе од 25 партии тогаш нема тајно гласање, односно секоја политичка партија застанува зад кандидатот и оди на највисокиот орган. Кај нас е тоа конгресот, кај некои е централниот одбор, кај некои централни претседателства и само така е можно да се застане зад сите. Највисоките тела може да го отфрлат или да го потврдат кандидатот. Мислам дека вечерва во 20 часот ќе се собереме, ќе исподискутираме уште еднаш, но верувам дека уште вечер може да го предложиме кандидатот“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира