Триесет илјади вакцини од кинеската компанија „Синовак“ , донација од Турција, стигнаа денес во земјава, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
„Сакам да изразам голема благодарност до Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката, но пред сѐ, за експресната испорака на ветената количина која е многу значајна за нас. Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум државата“, напиша Филипче.
Министерот и премиерот Зоран Заев изминатата беа во работна посета во Истанбул и имаа средба со Ердоган.
Според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера вакцинирани се 250.813 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.455 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.556 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 410.711 дози вакцини, а ревакцинирани се 159.898 граѓани.
Со последните бројки 48 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 % од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Секој понеделник стигаат околу 10.000 дози на „Фајзер“, а изминатиов понеделник пристигнаа дополнителни 12.870 дози вакцини од „Фајзер“ обезбедени преку директните преговори со производителот и преку ЕУ која ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“.
Македонија ги очекува нарачаните 500 илјади вакцини „Синовак“ и 194 илјади од „спутник“.