Стигнаа регистарските таблички откако повеќе од еден месец имаше недостиг во станиците за регистрација. Граѓани од повеќе градови се пожалија дека не можат да ги возат новите возила кои ги купиле, бидејќи државата не набавила навреме регистарски таблички и не може да се изврши регистрацијата.
Од Министерството за внатрешни работи велат имало мал застој во издавањето на регистарските таблички во неколку градови бидејќи се избирала нова фирма, но сега тендерот е завршен и договорот е склучен.
„Проблем е веќе надминат и таблички се испорачани по градови односно граѓаните можат да добијат регистарски таблички“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Тендерот за изработка на регистарски таблички го доби фирмата „Квантум ДООЕЛ“ од Скопје. Договорот е склучен за три месеци, а вредноста е 182.000 евра.
А. АНТЕВСКА