СТРАНЦИТЕ КОИ САМО ТРАНЗИТИРААТ НИЗ МАКЕДОНИЈА, АКО ЈА ИЗГУБАТ ИЗЈАВАТА ЗА ВЛЕЗ, ОСТАНУВААТ 14 ДЕНА ВО КАРАНТИН

    СТРАНЦИТЕ КОИ САМО ТРАНЗИТИРААТ НИЗ МАКЕДОНИЈА, АКО ЈА ИЗГУБАТ ИЗЈАВАТА ЗА ВЛЕЗ, ОСТАНУВААТ 14 ДЕНА ВО КАРАНТИНСпоред протоколот на македонските власти, странците кои ќе транзитираат низ нашата држава се обврзуваат да влезат на еден граничен премин и во рок од пет часа да излезат на друг граничен премин (Фото: Ѓ. Личовски)

    На странците кои само транзитираат низ Република Северна Македонија, властите им даваат вкупно 5 часа да стигнат од еден и да ја напуштат државата на друг граничен премин, независно од гужвите кои ќе се создадат кога Грција ќе ги отвори границите на први јули. Вообичаено, летно време низ државава транзитираат во најголем број граѓаните од Србија.

    Но, изјавата што би ја дале и потпишале на „Табановце“ на пример, не смеат да ја загубат по пат, зашто нема да може да излезат од „Богородица“ кон Грција.

    „Според протоколот изготвен од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи, странците кои ќе транзитираат низ нашата држава се обврзуваат да влезат на еден граничен премин и во рок од пет часа да излезат на друг граничен премин. Притоа, на влез треба да пополнат изјава, која ја предаваат на излез од државата. Странските државјани кои транзитираат имаат право да ги користат услугите на бензинските станици на нивната рута, но со задолжително почитување на сите протоколи со цел спречување на внесувањето и ширењето на КОВИД-19“, вели Министерството за внатрешни работи за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Проблемот е ако се изгуби изјавата.

    „Непочитувањето на Протоколот , односно губењето на изјавата или непочитувањето на рутата може да има за последица лицата кои транзитираат низ територијата на РС Македонија да бидат упатени во државен карантин, со цел да се контролира нивната здравствена состојба. Исто така, напоменуваме дека на странските државјани кои ќе транзитираат низ територијата на РС Македонија нема да им биде баран валиден ПЦР тест“, предупредува полицијата.

    МВР појаснува дека странците, од кои најбројни се Србите, кои само ќе транзитираат низ Македонија, ќе имаат право да застануваат на одморалишта по автопат или на бензинските пумпи, но не смее да го напуштат, да свртат од автопатот на кои потпишале изјава дека ќе патуваат. Најверојатно ќе има контролни пунктови на кои може да се исклучат, на пример кон Куманово, Скопје, Велес, Неготино, Демир Капија, Гевгелија и секаде кај што е можно исклучување од автопатиштата.

    Ако застануваат да се одморат или наточат бензин, ќе мора да се придржуваат кон мерките за заштита од пандемијата со коронавирус кои важат овде за сите наши граѓани, а тоа е носење заштитна маски и забрана за групирање повеќе од двајца, освен ако не се работи за членови на исто семејство и држење дистанца од 1,5 до два метри.

    Од денеска 17 јуни, се отворени сите гранични премини во Република Северна Македонија наменети за меѓународен граничен сообраќај при што условите за влез и излез на наши и странски државјани се непроменети. Одлучено е следново:

    • Македонските државјани можат да остварат непречен излез од Македонија, при што на граничен премин пополнуваат изјава со која изјавуваат дека РСМ поради настанатата состојба со КОВИД-19 нема да биде во можност навремено да им помогне околу нивното враќање;
    • Во Република Северна Македонија е дозволен влез на МКД-државјани и странци со регулиран привремен или постојан престој во државава, под услов тие да имаат валиден негативен PCR тест (изработен од нос и грло), не постар од 72 часа од денот на издавањето на тестот. Потоа добиваат Наредба и пополнуваат изјава за домашна самоизолација во траење од 14 дена.
    • На влез во Македонија, нашите државјани и странците со регулиран привремен и постојан престој кои немаат ковид-тест, се упатуваат во задолжителен државен карантин во времетраење од 14 дена. Со организиран превоз и полициска придружба ќе се упатуваат во некој од претходно утврдени објекти.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари