Низ патешествија од стотици километри на предметите против Рамис Мерко за корупција, сите без завршница, Антикорупциската комисија денеска покажа како се штити висок функционер на владејачка партија. Од она што го презентираше денеска на прес-конференција претседателката Билјана Ивановска, за така да заталкаат предметите против Мерко, па дури и едниот да го снема од Судскиот совет, се погрижиле: Обвинителството за организиран криминал и корупција, ОЈО Струга, претседателот на Основен суд Струга, па дури и Одделот за вештачење во МВР, кој таму задржал подолго време случај за него.
Четири години не знае што се случува со пријавата за предметот за купеното луксузно „ауди“ во ситуација кога Општината имала блокирана сметка и противпожарни возила произведени во 1970-тите години, а кој по сопствена иницијатива го отвори Антикорупциската комисија и поднесе кривична пријава до ОЈО за организиран криминал.
Таа била шетана од Обвинителството за гонење организиран криминал до ОЈО Струга, па враќана назад, па стоена да фаќа пајажина пак во Организиран криминал, за во 2021 година МВР да побара документација од Антикорупциска за да го вештачи предметот. Оттогаш Комисијата нема никаква информација, од ниедна институција за овој инициран предмет од нивна страна.
Антикорупциската комисија во 2019 доставила пријава и до Судскиот совет за работењето на претседателот на Основниот суд – Струга. Баш кога дошол за градоначалник Рамис Мерко, претседателот на Основниот суд Струга, на блокираната општинска сметка уште од 2010 ѝ го зголемил ограничениот минимум, за да може Мерко да троши повеќе. Така тој и го набавил скапото „ауди“.
„Претставката до Судскиот совет беше поради сомнеж за политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот Општина Струга за зголемување на минимум средства за извршување на основната дејност на Општината. Бидејќи, за две решенија со иста фактичка состојба и две образложени причини, донесени се различни одлуки“, кажа Ивановска.
Настапил молк и од Судскиот совет, па Комисијата во 2021 добила одговор: „По извршените проверки во електронската архива, таков предмет не е пронајден“.
„Ние имаме доказ дека претставката во Судски совет е примена“, рече Ивановска и ја покажа потврдата за примена претставка.
Во вторникот, Стејт департментот го означи градоначалникот на Струга Рамис Мерко како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција. Оттаму рекоа дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси.
С. К. ДЕЛЕВСКА