СУДЕЊЕТО ЗА ЛАЖНИТЕ ПАСОШИ НА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ФАТЕНИ ВО СОЛУН ЌЕ ГО ПРЕЗЕМАТ МАКЕДОНСКИТЕ СУДОВИ

    СУДЕЊЕТО ЗА ЛАЖНИТЕ ПАСОШИ НА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ФАТЕНИ ВО СОЛУН ЌЕ ГО ПРЕЗЕМАТ МАКЕДОНСКИТЕ СУДОВИГрујевски и Бошкоски нема да бидат екстрадирани во Македонија пред март годинава, велат извори од Министерството за правда. - Грујевски и Бошкоски пред Солунскиот суд

    Судскиот процес против ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски и соработникот од УБК Никола Бошкоски за фалсификуваните патни исправи со кои ги фати грчката полиција во Солун, ќе биде даден во надлежност на македонските судови, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Овој судски процес во Грција е закажан за во мај.

    Но и покрај тоа, Грујевски и Бошкоски нема да бидат екстрадирани во Македонија пред март годинава, велат извори од Министерството за правда, а така пресметуваат и во Основниот суд Скопје 1, каде во среда треба да почне судскиот процес „Тврдина-Таргет“ на СЈО.

    Според анализите, најмалку два месеца ќе трае жалбената постапка за политичкиот азил што го побараа Грујевски и Бошкоски, за кој треба на крајот да се изјасни Врховниот суд на Република Грција.

    Во „Тврдина-Таргет“, предмет за масовното незаконско прислушување и брутално кршење на човековите слободи и права од страна на УБК, покрај Грујевски и Бошкоски, обвинети се и ексдиректорот на Управата Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков и вработените во УБК: Владимир Варелов, од кого избеганиот Горан Грујевски го позајми идентитетот за да избега од Македонија, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ.

    Овие два предмета СЈО ги спои во еден и покрај за прислушувањето, се однесуваат и на уништување и дробење на опремата со која со години се вршело нелегалното прислушување, без судски наредби и без никаква контрола од другите две власти.

    Судењето по новиот годишен распоред на судиите, се падна кај судијката Џанета Бегтовиќ, која сега е во одделот за организиран криминал и корупција во основниот суд Скопје 1.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари