СУДИИТЕ ЕНВЕР БЕЏЕТИ И ЛИРИЈЕ ЕЛЕЗИ НАМЕРНО ГИ ЧУВАЛЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА МИЈАЛКОВ КАЈ СЕБЕ СО МЕСЕЦИ, СО ШТО ГО ПОВРЕДИЛЕ ЗАКОНОТ, ЗАКЛУЧИ СУДСКИОТ СОВЕТ

    СУДИИТЕ ЕНВЕР БЕЏЕТИ И ЛИРИЈЕ ЕЛЕЗИ НАМЕРНО ГИ ЧУВАЛЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА МИЈАЛКОВ КАЈ СЕБЕ СО МЕСЕЦИ, СО ШТО ГО ПОВРЕДИЛЕ ЗАКОНОТ, ЗАКЛУЧИ СУДСКИОТ СОВЕТКонтролата Судскиот совет во Апелациониот суд Скопје ја направи под притисок на јавноста, по упорно секојдневно пишување за развлекувањето на „Тврдина-Таргет“, „Трезор“ и „Транспортер се од висок јавен интерес. - Од седница на Судски совет (Фото: СДК.МК)

    Нема образложени причини зошто предметот за масовното незаконско прислушување познат како „Тврдина-Таргет“ судијата – известител Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје не го ставал 9 месеци на одлучување. Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори, се вели во извештајот на комисијата од Судскиот совет, која го испитуваше одолговлекувањето на овој, но и на предметите:„Трезор“, „Транспортер“ и „Алфи“.

    Овој предмет ќе застари, затоа што пресудата е укината, судењето е вратено на почеток во Основниот кривичен суд. Главен обвинет тука е Сашо Мијалков, кој првостепено беше осуден на 12 години затвор.

    И во „Транспортер“, кој речиси три години седеше во фиока во Апелација, судија-известител беше Енвер Беџети. Последните денови од декември беше донесена пресуда, откако медиумите упорно пишуваа дека предметот фаќа прашина во Апелација, а главниот обвинет, ексградоначалникот на Битола Владимир Талески примаше плата од Театарот, седејќи дома во куќен притвор. Од овие три години, девет месеци се на непишување и необјавување на пресудата. Таа била донесена во април, но судијата-известител немал време да ја напише, иако рокот за тоа е 60 дена, што значи во јуни требало да биде објавена, а Талески уште тогаш да оди во затвор.

    Енвер Беџети конкурирал за врховен судија.

    Во „Трезор“ судија-известител беше Лирије Елези, а главен обвинет во овој предмет за незаконска набавка на британска опрема за прислушување, повторно беше Сашо Мијалков. Сопругот на судијката е примен во УБК во времето кога Мијалков беше директор. По пет месеци од пресудата, таа ја напишала пресудата. Дотогаш таа преку портпаролката на Апелација, на јавноста ѝ кажуваше: „Нема уште одлука, се работи на предметот“.

    И во овој случај пресудата од 8 години на Мијалков е укуната и вратен е предметот на повторно судење во Кривичниот суд.

    Како и во претходниот случај, и во овој нема оправдување зошто поминал толкав период за објавување на пресудата. Досега ќе почнеше повтореното судење.

    За случајот „Алфи“, судијата-известител Зоран Димитриевски закажал 4 седници, но морал да ги одлага затоа што предметот со пресудата не бил комплетен и целосен, па бил вратен назад зашто бил неуреден, потоа адвокатот на еден од обвинетите не дошол зашто бил ангажиран во други предмети, потоа двајца од петтемина апелациони судии во советот барале изземање, итн. На 22 декември овој предмет е ставен на расправа, се очекува одлука.

    Беџети и Елези го прекршиле Законот за кривична постапка по неколку основи, се констатира во извештајот на комисијата која ја извршила контролата.

    Но, овие наоди во извештајот ги вознемирија двајца од членовите на Судскиот совет, предложени од политиката, избрани од Собранието, потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми и членот Милазим Мустафа. Тие приговараа на острите констатации во извештајот, барајќи дури и да се почека со заклучоците и да се види зошто па во Кривичниот суд толку долго се воделе овие постапки.

    Откако судиите во Судскиот совет на Адеми и Мустафа им објаснија дека во основните судови нормално е постапките да траат подолго, бидејќи таму има воведни зборови на секоја од странките, па се сослушуваат обвинетите, сведоците, се изведуваат материјални докази, се врши вештачење, се поставуваат директни, па вкрстени прашања, се предлагаат нови докази, сведоци, се даваат завршни зборови…, се откажаа од тоа барање, по што и тие гласаа за извештајот.

    Дали тричлената комисија ќе предложи разрешување или казнување на овие судии, ќе се знае во следните денови.

    Претседателка на комисијата е членот Тања Чачарова-Илиевска, која е координатор за Апелациониот суд Скопје и која дозволила овие предмети од висок јавен интерес да седат по година дена, некои и повеќе, во фиока и која за Скопска апелација собирала само број на примени и број на сработени предмети, а не ја интересирало ваквото однесување на судии-поединци од овој суд.

    Контролата Судскиот совет таму ја направи под притисок на јавноста, по упорно секојдневно пишување за трите предмети за висока корупција и за организиран криминал. За четвртиот предмет „Алфи“, за убиство, контролата беше на предлог на Селим Адеми.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира