Судиите не се задоволни од новите измени на Законот за судови и за Судски совет што ги донесе пред две недели Собранието. Тие не се во насока на ефектно реформирање на судството, смета Здружението на судии на Македонија.
На завчерашната седницa на Управниот одбор на Здружението на судии заклучено било дека забелешките на судиите се особено на деловите од законите кои ги регулираат статусните прашања, дисциплинската одговорност и основите за разрешување на судиите.
Здружението, чиј претседател врховниот судија Џемали Саити е член на реформското тело во правосудството, каде претседател е премиерот Зоран Заев, смета дека овие донесени измени не се во корелација со Стратегијата за реформи на правосудниот сектор 2017-2022 година.
Здружението бара власта и опозицијата да работат заедно и да направат корекција на штотуку донесените законски измени и да ги вклучат судиите и она што го постигнале и договориле на безбројните дебати што ги организира Здружението со помош на амбасадите кои ги помагаат реформите за независно и самостојно судство.
За новиот Закон за судови се зборуваше и на денешното продолжение на завршните зборови на одбраната во „Тенк“ во Кривичниот суд, на кое Груевски задоцни, па судијката Добрила Кацарска продолжи без него, но доби предупредување од адвокатот на Груевски. „Честитки судија што денеска стапува во сила Законот за судови, кој како основ за разрешување го наведува токму непочитувањето на пресудите во Стразбур“, алудираше адвокатот на тоа дека „бомби“ како тие на СЈО не можеле да важат според пресудите на Европскиот суд.
Кацарска му одговори: „Благодарам за честитките колега и за потсетувањето дека во новите измени има толку многу основи за разрешување на еден судија“.
С. К. ДЕЛЕВСКА