СУДИИТЕ ПАНЧЕВСКИ, ВАНГЕЛОВСКИ И БАЈЛОЗОВА ВИКНАТИ ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА МЕСТЕЊЕ ПРИТВОРСКИ И СУДСКИ ПРЕДМЕТИ

    СУДИИТЕ ПАНЧЕВСКИ, ВАНГЕЛОВСКИ И БАЈЛОЗОВА ВИКНАТИ ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА МЕСТЕЊЕ ПРИТВОРСКИ И СУДСКИ ПРЕДМЕТИ„На овие лица им се пратени покани да дојдат во Јавното обвинителство на Скопје, засега со статус на сведоци“, велат од Скопското обвинителство; - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Скопското јавно обвинителство им испратило покани за распит на поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и на поранешната в.д. претседателка на Врховниот суд Снежана Бајлозовa, во рамки на истрагата за злоупотреби во АКМИС или системот за автоматска распределба на судските предмети. Според официјалната изјава што ја добивме од Скопското обвинителство, тројцата се повикани во својство на сведоци.

    „Точно е дека на овие лица им се пратени покани да дојдат во Јавното обвинителство на Скопје, засега со статус на сведоци. Тие ќе треба да покажат аргументи и причини кои треба да ги поткрепат со закон, зошто додека биле на функциите толку често ги менувале распоредите на судии? Нивните образложенија потоа ќе се споредат со сомневањата до кои дојде тимот обвинители и истражители кои неколку недели ги листаа и проверуваа еден по еден стотици предмети во Основниот суд Скопје 1 и предметите во Врховниот суд. Од тоа ќе зависи дали натаму и на кого од нив ќе му биде сменет статусот сведок“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Скопското обвинителство.

    На прашање што истражувале со денови во Основниот суд Скопје 1, од Обвинителството велат дека одејќи предмет по предмет, истражувано е дали има случаи на злоупотреби и местење на предмети кај судии на начин судија на претходна постапка кој одлучувал за одреден предмет, потоа да бил со нов распоред ставен истиот предмет да го работи во оценка на обвинение. Натаму, се истражувало дали има случаи судија, член на кривичен совет кој одлучувал по одреден предмет, потоа со нов распоред од претседателот на судот бил прераспореден во судечки судија за да „му се падне“ истиот предмет пак нему. Се истражувале и други забранети комбинации на доделување на предмет кај ист судија. Биле чешлани предметите од организиран криминал и од кривичниот оддел за полнолетни.

    Појдовната информација за потврдување на сомневањата, велат од ова Обвинителство, цело време се годишните распореди за работа на судиите и датумите кога биле менувани. На годишно ниво рекордер во менувањето на годишните распореди е Владимир Панчевски, а на месечно Јово Вангеловски, кој лани само во еден месец 9 пати го менуваше распоредот на врховните судии во советите.

    Засега Обвинителството не коментира ништо за сомневањата дека во Основниот суд Скопје 1 притворските предмети во времето на Владимир Панчевски биле делени на рака.

    За 860-те предмети кои работната група од Министерството за правда и СЈО по укажување на поранешниот в.д. претседател на Кривичниот суд Стојанче Рибарев ги беа затекнале надвор од АКМИС-от, Скопското обвинителство вели дека тие и не можеле да бидат внесени, затоа што било утврдено дека системот за електронска распределба на судските предмети, воопшто и немал програм овие предмети да ги внесе. Се работи за предмети од кривичните совети, а во АКМИС-от биле внесени сите останати предмети што ги работи судот.

    Но и тоа што само во Основниот суд Скопје 1 немало таква програма е спорно, велат претседателите на неколку судови со кои разговаравме, бидејќи тие тврдат дека во останатите судови сите предмети биле внесувани и евидентирани во системот, кој потоа автоматски ги распределувал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира