860 ПРЕДМЕТИ БИЛЕ ЗАТАШКАНИ, МИНИСТЕРКАТА ЗА ПРАВДА ОБЈАВИ КАКО СЕ МЕСТЕЛЕ ПРЕДМЕТИ ВО КРИВИЧЕН И ВРХОВЕН СУД, ИЗВЕШТАЈОТ ПРЕДАДЕН И ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    860 ПРЕДМЕТИ БИЛЕ ЗАТАШКАНИ, МИНИСТЕРКАТА ЗА ПРАВДА ОБЈАВИ КАКО СЕ МЕСТЕЛЕ ПРЕДМЕТИ ВО КРИВИЧЕН И ВРХОВЕН СУД, ИЗВЕШТАЈОТ ПРЕДАДЕН И ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТОСпоред Извештајот што го објави Министерството за правда за злоупотребите со АКМИС-системот во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд и кој е испратен и до Јавното обвинителство, освен што бил изигруван електронскиот систем за распределба на судските предмети во овие два суда, во Основниот суд Скопје 1 дури за 860 предмети немало доделено судија; - Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска (Фото: К. Попов)

    Со често менување на годишниот распоред за работа на судиите во Основниот суд Скопје 1 додека претседател бил Владимир Панчевски, а по него и в.д. претседатели Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев, при што постојано бил менуван и составот на кривичните совети во овој суд, бил лимитиран бројот на судии кај кои по случаен избор би се паѓале судските предмети. Така, всушност, се успевало да се паднат кај едни исти, подобни судии, предметите кои беа познати како политички монтирани и предметите на Специјалното обвинителство. Електронскиот АКМИС-систем и да сакал, не можел да ги пронајде судиите по случаен избор, вели Извештајот што го објави Министерството за правда, за злоупотребите со овој систем во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд. Извештајот е за периодот од декември 2015 до јули 2017, кога беше извршена контрола од работна група на Министерството, на чело со судиите Лазар Нанев и Зоран Димитриевски.

    Според извештајот кој е испратен и до Јавното обвинителство, освен што бил изигруван електронскиот систем за распределба на судските предмети во овие два суда, во Основниот суд Скопје 1 дури за 860 предмети немало доделено судија. Со ова, пишува во Извештајот, се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на Судот и на судиите кои се доставувани до повисоките судови, во Судскиот совет и во Министерството за правда. Годишен план за движењето и управувањето на судските предмети немало, освен во 2013, а предмети дадени во работа на едни судии, им биле одземани и давани на други. Во извештајот пишува и дека Рибарев, во чие време се вршеше контролата во Кривичниот суд, затекнал рачно распределување на предмети, а тој лично немал воопшто изготвено извештај за работата на АКМИС-от во судот.

    Констатирано било и дека законската процедура за исклучување на системот и распределување на предмети на рака, што може да биде како исклучок, воопшто не била почитувана и не биле наведени причините и оправданоста за тоа. Претседателот телефонски им се јавувал на судиите, не на писмено, а со тоа и без параф.

    Во Врховниот суд, пак, за опсервираниот период претседатели биле Лидија Неделкова и актуелниот, Јово Вангеловски. Никогаш не била стандардизирана, а ни унапредена употребата и постапката за автоматска распределба на судските предмети во сите судови, а ни објавувана на веб страната на судот, што е законска обврска на Врховниот суд. Со промената на претседателката Неделкова, бил повеќепати менуван распоредот за работа на врховните судии, при што не се водело сметка за нивната специјализација. Кривичари се ставани во граѓански или во оддели за судења во разумен рок, граѓански судии се поставени во кривичниот совет на Врховниот суд. Во декември 2017, Вангеловски го сменил распоредот 9 пати. Во изјава пред новинарите, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски кажа дека не видел ништо незаконски во тоа.

    При увид во судската писарница, Комисијата констатирала дека автоматската распределба на мал број предмети се вршела неколкупати во текот на денот, спротивно на правилата на автоматска распределба на предмети.

    Во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК објавено на 2 јули годинава, ја прашавме министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска зошто уште нема одговорност за утврдените неправилности во АКМИС-системот, бидејќи веќе една година има две предистраги, од СЈО и од Скопското обвинителство, и ниедна истрага, а камо ли обвинение?

    „Комисијата која била формирана во рамките на Министерството за правда за употребата на АКМИС-от подготви извештај во кој утврди злоупотреби во два од три суда во кои вршела оценка. Извештајот е испратен до Јавното обвинителство и сега кај нив е одговорноста за покренување соодветни постапки“, го повика таа Јавното обвинителство.

    А на прашањето дали е сигурна дека сега АКМИС-от во Основниот суд Скопје 1 работи добро, таа рече:

    „Јас очекувам системот да се користи онака како што е пропишано законски. Од друга страна, заради превенирање на било какви сомневања, размислувам за создавање законска обврска за периодична проверка на функционирањето на АКМИС-от и изготвување извештаи кои јавно ќе се објавуваат. Транспарентноста е една од гаранциите за почитување на законот во сите сфери, вклучувајќи ја и оваа“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира