СУДИЈАТА ИВИЦА СТЕФАНОВСКИ, ВО ЧИИ РАЦЕ Е ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ТВРДИНА“ И „ТАРГЕТ“, СЕ КАНДИДИРАЛ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

    СУДИЈАТА ИВИЦА СТЕФАНОВСКИ, ВО ЧИИ РАЦЕ Е ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ТВРДИНА“ И „ТАРГЕТ“, СЕ КАНДИДИРАЛ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУДСудијата Ивица Стефановски уште не го оценил обвинението за „Тврдина“ и „Таргет“ и не се знае дали ќе го прифати или одбие. Во овие два случаја за масовно незаконско прислушување од тајната служба, како и за нелегалното уништување на опремата за прислушување во МВР кои СЈО ги спои во еден, обвинети се Горан Грујевски, ексначалник на Петтата управа во МВР и Никола Бошковски од УБК, кои се во бегство, а обвинет е и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков; - Профилите на Никола Бошкоски и Горан Грујевски се објавени на потерницата на веб сајтот на МВР (Фото: принтскрин/МВР)

    Судијата од организиран криминал Ивица Стефановски, кај кого се паднаа обвиненијата за случаите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, се кандидирал за претседател на Основниот суд Скопје 1, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Порано беше судија во „Пуч“, кај што беше обвинет премиерот Зоран Заев, а потоа и еден период во „Поткуп“, каде исто така обвинет е Заев.

    Стефановски уште не го оценил обвинението за „Тврдина“ и „Таргет“ и не се знае дали ќе го прифати или одбие. Во овие два случаја за масовно незаконско прислушување од тајната служба, како и за нелегалното уништување на опремата за прислушување во МВР, кои СЈО ги спои во еден, обвинети се Горан Грујевски, ексначалник на Петтата управа во МВР и Никола Бошковски од УБК, кои се во бегство. Обвинет е и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.

    Според неофицијалните информации од Судскиот совет, таму кандидатура поднел и експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Наводно конкурирал и за судија кривичар на паралелниот оглас кој трае и за избор на четворица судии во Апелациониот суд Скопје.

    Претседателите на судовите Судскиот совет ги бира со Бадентерово мнозинство, а членовите на Советот – Албанци, еднаш веќе се изјасниле дека нема да му дадат поддршка за претседател на Кривичниот суд, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Апелационите судии, пак, се бираат со просто мнозинство во Судскиот совет.

    Панчевски и Стефановски важат за многу блиски соработници, а се од голема доверба и на актуелниот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев. Рибарев со распоредот што го направи, во однос на предметите на СЈО што доаѓаа во Кривичниот суд, се потпре токму на Панчевски и на Стефановски.

    Овие двајца кандидати во последните години се распоредувани во ударни одделенија каде што доаѓаа бројни предмети, меѓу кои и тие на СЈО, па оттаму добиле и најмногу бодови и високи оценки, за разлика од неподобните судии кои беа тргани или во Одделот за прекршоци, или да судат предмети по стариот Закон за кривична постапка.

    Меѓу тие репресирани и маргинализирани судии се и судиите Оља Ристова од одделот за малолетници во Основниот суд Скопје 1 и судијата Иван Џолев од одделот за прекршоци, кој на претходниот (пропаднат) оглас, веќе му беше противкандидат на Панчевски за претседателското место во овој суд.

    Ристова во континуитет е еден од највисокооценетите судии од Судскиот совет. Таа двапати беше тргана од Кривичниот суд и праќана во Прекршоци. Со приговорите кои ѝ беа усвојувани, таа успеа да се врати во Кривичниот суд, а успешно се избори и против претставките за разрешување што ѝ ги поднесуваше раководството на Кривичниот суд пред да дојде Стојанче Рибарев.

    Истото му се случи и на судијата Иван Џолев, кој на претставките за разрешување што му ги поднесе Панчевски, му врати со кривична пријава до Обвинителството на Марко Зврлевски, кое ја отфрли пријавата против Панчевски. И Советот за факти ги отфрли потоа претставките против Џолев како неосновани. Џолев ни со распоредот на Стојанче Рибарев до денес не е вратен на старото место во кривичниот оддел во Основниот суд Скопје 1.

    Петтиот кандидат за претседател на Кривичниот суд, според нашите сознанија е судијата Ѓоко Ристов, кој беше тргнат од судија во случајот „Поткуп“ каде обвинет е премиерот Зоран Заев, за на негово место, со распоредот на Татјана Михајлова, да седне Ивица Стефановски. В.д. претседателката Михајлова се обиде Ристов да го префрли во судот за прекршоци, заедно со повеќе неподобни судии кои требаше да бидат тргнати подалеку од предметите на СЈО.

    Сите петмина кандидати се од Основниот суд Скопје 1, како што налага законот.

    Огласот се затвора денеска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари