СУДИЈКАТА ГО ОДЛОЖИ РОЧИШТЕТО ЗА ШАМАРИТЕ ВО ЦЕНТАР, СЈО ПОБАРА ПРИВЕДУВАЊЕ НА НЕОПРАВДАНО ОТСУТНИТЕ ОБВИНЕТИ

    СУДИЈКАТА ГО ОДЛОЖИ РОЧИШТЕТО ЗА ШАМАРИТЕ ВО ЦЕНТАР, СЈО ПОБАРА ПРИВЕДУВАЊЕ НА НЕОПРАВДАНО ОТСУТНИТЕ ОБВИНЕТИЗа првпат откако е почнато судењето, експремиерот Никола Груевски требаше да се соочи со градоначалникот на Центар Андреј Жерновски во судницата. - Груевски го напушта судот по одложеното рочиште (Фото: СДК.МК)

    Поради недоаѓање на дури петмина од обвинетите за насилствата и шамарите во Општина Центар на денешното судење против обвинетиот експремиер Никола Груевски, повторно во Основниот суд Скопје 1 се одложи судскиот процес. Судијката Татјана Михајлова го помести за 28 јуни.

    Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски побара веднаш да се приведат сите обвинети, кои не го оправдаа денешното отсуство. Одбраната се противеше. Дел од обвинетите, рекоа адвокатите, се отсутни од здравствени причини.

    Бубевски упорно бараше да се спроведе приведувањето, зашто недоаѓање на дел од обвинетите, е сигурна гаранција дека ќе се одложи еден судски процес, без разлика дали останатите обвинети се присутни. Судијката Татјана Михајлова не постапи по барањето на Бубевски.

    На денешното рочиште дојде Груевски за нарачка на насилствата во Општина центар и шамарите за градоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година и за првпат откако е почнато судењето, требаше да се соочи со Жерновски во судницата, бидејќи како оштетен, денеска дојде и градоначалникот на Центар, за кого според прислушуваните разговори и обвинението на СJO, поранешниот премиер нарачувал да влезе некој од насилниците и да му удри 5-6 јаки шамари.

    На денешното рочиште не дојде обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, која е службено отсутна. Место неа денеска се обвинителите Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов.

    На судските покани се одзваа и обвинетите Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и Томислав Лазаров.

    Градоначалникот Жерновски го обвини Груевски дека кукавички се сокри зад отсуството на дел од обвинетите за да се одложи процесот. Тој рече и дека е насилник и дека нарачува насилства, како на тоа во Општина Центар, така и на крвавите насилства во Собранието во четвртокот.
    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира