СУДИЈКАТА ГО ПРЕКОРИ СВЕДОКОТ ШИЛЕГОВ ОТИ СЕ СКАРА СО ОБВИНЕТИОТ ЧЕНТО НА ТЕМАТА ФАШИЗАМ

    СУДИЈКАТА ГО ПРЕКОРИ СВЕДОКОТ ШИЛЕГОВ ОТИ СЕ СКАРА СО ОБВИНЕТИОТ ЧЕНТО НА ТЕМАТА ФАШИЗАМ„Ова не е Собрание, сите имаат подеднаков третман. Не навредувајте и внимавајте како се обраќате", му рече судијката на Шилегов - градоначалникот на Скопје влегува во суд како сведок за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 Јане Ченто, откако се пријави вкрстено да го испрашува сведокот Петре Шилегов му рече:

    „Господине Шилегов, јас сум внук на првиот претседател на АСНОМ, колку да расчистиме кој е фашист, а кој не”, откако претходно, Шилегов, одговарајќи на друго вкрстено прашање, рече дека нападот на Собранието бил „организиран политички облик на фашизам“.

    Ченто е меѓу 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Шилегов потоа му одговори на Јане Ченто: „Од секоја здрава семка не излегува здрав плод”, по што Ченто му реплицираше: „Крушата под круша паѓа”.

    По ова, судијката Добрила Кацарска ги прекина и го прекори сведокот Шилегов.

    „Господине Шилегов, како пратеник имате заштита и можете да зборувате сѐ што сакате и да навредувате. Но, ова не е Собрание, сите имаат подеднаков третман. Не навредувајте и внимавајте како се обраќате”, му рече Кацарска на градоначалникот на Скопје кој за време на организираниот напад на Собранието лани беше пратеник.

    По ова, одбраната немаше веќе прашања и рочиштето заврши.

    Судењето продолжува утре со сведочење на Никола Тодоров, Весел Мемеди, Зоран Заев и Оливер Спасовски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира