СУДИЈКАТА ПОП СТЕФАНИЈА ОД ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ЗА КОЈА СЈО БАРАШЕ РАЗРЕШУВАЊЕ ВРАТЕНА ДА СУДИ НАЗАД ВО НЕГОТИНО

    СУДИЈКАТА ПОП СТЕФАНИЈА ОД ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ЗА КОЈА СЈО БАРАШЕ РАЗРЕШУВАЊЕ ВРАТЕНА ДА СУДИ НАЗАД ВО НЕГОТИНОНовиот претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев денеска даде свечена заклетва. (Фото: М. Златевска)

    Судијката Александра Поп Стефанија, чиј сопруг беше висок функционер од поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ, е вратена во Основниот суд Неготино, од кај што ја донесе Судскиот совет на чело со Зоран Караџовски за да ги презема во претходна постапка или во други фази предметите на Специјално јавно обвинителство.

    „Деновиве истече мандатот на четворицата делегирани судии од внатрешноста на Македонија и тие со одлука на Судскиот совет се вратени во судовите од кај што беа делегирани“, рече Караџовски.
    На новинарско прашање дали и судијката Александра Поп Стефанија е вратена во Неготино, тој одговори потврдно.

    На почетокот на март, Поп Стефанија беше посочена во Извештајот на Стејт Департментот за Македонија за 2016 година, како една од судиите преку која се прават политички манипулации во Кривичниот суд, во однос на предметите на Специјалното обвинителство.

    „Во текот на годината, извесен број судии јавно изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“, се наведува во Извештајот во делот за состојбите во Македонија минатата година.

    Во извештајот пишува дека „на крајот на април, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски назначи двајца нови судии во Одделот на судот за организиран криминал и корупција во, како што многумина политички и правни аналитичари опишаа, сомнителни околности, бидејќи ниту еден од нив немал доволно стаж на судската клупа или судско искуство за да се оправда нивното назначување. На двајцата судии им беа доделени случаи на СЈО, кое безуспешно бараше нивно изземање поради воочливи судири на интереси“.

    Панчевски во април 2016 за судијки на претходна постапка во организиран криминал ги постави Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и младата судијка Елена Илиевска Јосифовиќ. Обете судијки во организиран криминал се со вкупен стаж од по само пет години, сосе нивните породилни отсуства.

    Сопруг на Поп Стефанија е Сашо Јанев, член на Комисијата за лустрација и поранешен секретар на Општина Неготино и на ВМРО – ДПМНЕ од Неготино. Во Комисијата за лустрација бил избран во последниот состав од 2014 година. Судијката поп Стефанија има релации и со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов, кој ѝ е зет за братучетка.

    Уште во септември лани специјалната обвинителка Катица Јанева побара изземање на Александра Поп Стефанија, поради пристрасност и намерна повреда на правилата за правично судење во фаза на претходна постапка, за ексначалникот Горан Грујевски во случајот „Тврдина“ и масовно прислушување. Но, Апелациониот суд Скопје го одби барањето како неосновано.

    Во февруари годинава Јанева на Поп Стефанија и поднесе претставка за разрешување. Во претставката ја обвини за намерна повреда на правилата за правично судење, за пристрасност, за злоупотреба на судиската функција и за пречекорување на службените овластувања.

    Јанева побара нејзино разрешување поради, континуирано одбивање на барањата на СЈО, или прогласување на одредени дејствија на СЈО за незаконски, без притоа да ги образложи тие одлуки. Таа, наведе дека оваа судијка ја прогласила за незаконита постапката за претрес на домот на Грујевски, зашто осомничениот не бил присутен, а тој бил всушност во притвор и не можел да биде присутен. СЈО имало обезбедено наредба за претрес, докажуваше Јанева.

    Натаму, при одлучувањето за барањето за притвор на Грујевски, оваа судијка, се наведува во претставката, му дозволила на осомничениот да се впушти во расправа со обвинителот на СЈО и во своја одбрана, за кое што немал законско овластување. Поп-Стефанија, и на едно од итните барања за претрес, место за 12 часа, на СЈО му одговорила за три дена, со што го повредила Законот за кривична постапка.

    Неофицијално, претставката и за Поп Стефанија ја отфрлил Советот за утврдување факти, исто како и за Татјана Михајлова, за Елена Јосифовиќ и за Лидија Петровска, бидејќи, во Судскиот совет иницијатива за разрешување за која било од овие четири судијки, не пристигнала. Сите четири судијки се од Основниот суд Скопје 1.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира