СПРЕГАТА НА ПАНЧЕВСКИ СО СУДИИТЕ ПРОТИВ СЈО ВЛЕЗЕ И ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    СПРЕГАТА НА ПАНЧЕВСКИ СО СУДИИТЕ ПРОТИВ СЈО ВЛЕЗЕ И ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    Поранешниот претседател на Кривичниот суд и кандидат за нов мандат Владимир Панчевски е посочен во најновиот извештај за состојбата со човековите права на американскиот Стејт департмент како маша со која владејчката ВМРО-ДПМНЕ го контролира Судот и го блокира работењето на Специјалното јавно обвинителство.

    “Во текот на годината, извесен број судии јавно изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“, се наведува во Извештајот во делот за состојбите во Македонија минатата година.

    Во извештајот пишува дека „на крајот на април, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски назначи двајца нови судии во Одделот на судот за организиран криминал и корупција во, како што многумина политички и правни аналитичари опишаа, сомнителни околности, бидејќи ниту еден од нив немал доволно стаж на судската клупа или судско искуство за да се оправда нивното назначување. На двајцата судии им беа доделени случаи на СЈО, кое безуспешно бараше нивно изземање поради воочливи судири на интереси.

    Панчевски во април 2016 за судијки на претходна постапка во организиран криминал ја постави Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и младата судијка Елена Илиевска Јосифовиќ. Обете судијки во организиран криминал се со вкупен стаж од по само пет години, сосе нивните породилни отсуства.

    Сопруг на Поп Стефанија е Сашо Јанев, член на Комисијата за лустрација и поранешен секретар на Општина Неготино и на ВМРО – ДПМНЕ од Неготино. Во Комисијата за лустрација бил избран во последниот состав од 2014 година. Судијката поп Стефанија има релации и со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов, кој и е зет за братучетка.

    35-годишната Илиевска – Јосифовиќ, пак, за судија била избрана во 2011 година и нема ниту 5 години судиско искуство. Нејзиниот сопруг е близок на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за што сведочат јавно објавени фотографии од партиските митинзи. Таа е семејно поврзана со еден од најблиските соработници на познат бизнисмен близок на власта кој се споменува и во бомбите, а кој во предистражна постапка минатото лето беше повикан на распит во Специјалното јавно обвинителство.

    Двете, заедно со судијата Ненад Савески, се и денес во претходна постапка – организиран криминал, и се тројката бедем на која не може да и пројде ниту една мерка или барање кои досега ги предложило СЈО против осомничените функционери што ги гони за тежок криминал произлезен од прислушуваните разговори.

    Во извештајот на Стејт департментот се наведува и случајот со судијката кој поради едно озборување фатено од колешка во прислушуваните разговори стана позната како таканаречената „сваровски судијка“.

    “Прислушуваните разговори, објавени од опозициската партија СДСМ во февруари 2015 година, наводно открија несоодветно влијание врз судската власт од страна на извршната. Бројни снимени разговори се однесуваа на претставници на извршната власт како влијаат на процесот на назначување судии и како судиите ги добиваат позиции со мито. На пример, судијката Лидија Тупанчевска – Петровска, една од двете судијки на кои им беа доделени првите две обвиненија на СЈО, беше спомената во еден од нелегално прислушуваните разговори како наводно го обезбедила нејзиното назначување, купувајќи скап накит за претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова“, наведува Стејт Департментот.

    На 23 септември лани СЈО побара изземање на судијката Петровска од предметот против ексначалникот Горан Грујовски обвинет за нелегално палење на илјадници списи и докази за масовно прислушување во УБК, зашто се спомнува во бомбите. Но, барањето на СЈО беше одбиено.

    Петровска го држи судскиот процес против Грујовски на почеток и не дава да се помрдне од место, поради што на 27 февруари Специјалната обвинителка Катица Јанева поднесе претставка за нејзино разрешување.

    Истовремено, претставка за разрешување доби и Александра Поп Стефанија, поради пристрасност и намерна повреда на правилата за правично судење, за истиот случај, кога Грујовски беше во претходна постапка.

    Во Извештајот се наведува дека најзначајните проблеми со човековите права произлегуваат од сеприсутната корупција и од неуспехот на Владата целосно да го почитува владеењето на законот, вклучувајќи ги непрекинатите напори да се ограничи слободата на медиумите, мешање во судската власт и попречувањето на работата на СЈО, како и селективна примена на правдата.

    “Политичкото мешање, неефикасноста, наклонетоста кон добростоечки личности, одолговлекување на процесите, нарушување на правото на јавно судење и корупција го карактеризираат судскиот систем“, се вели во Извештајот за човекови права на Стејт департментот објавен во петокот.

    С. К. Делевска

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира