Прифатен е обвинителниот акт за организираниот напад на Собранието на 27 април минатата година, соопшти Основниот суд Скопје 1.
„Советот за оценка на обвинителен акт при одделението за гонење организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи во оценка на обвинителниот акт поврзан со настаните од 27 април 2017 година кои се случија во Собранието одржа не јавна седница за оценка. По детално разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.
Откако ќе биде формиран кривичен предмет по обвинителниот акт велат од Судот и истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување и ќе биде закажан термин за глава расправа.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 27 март поднесе обвинителен акт против 28 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело во врска со нападот во Собранието на 27 април, 2017. Обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски. Покрај пратениците, осомничени се и Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност и раководителот на Оперативниот штаб на МВР за време на организираниот напад на Собранието на 27 април, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.