СУДОТ МУ ИЗРЕЧЕ ПРИТВОР НА ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ ЗА СЛУЧАЈОТ „ТАЛИР“

    СУДОТ МУ ИЗРЕЧЕ ПРИТВОР НА ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ ЗА СЛУЧАЈОТ „ТАЛИР“На Груевски му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, која ќе важи од денот на неговото пронаоѓање односно лишување од слобода. (Фото: СДК. МК)

    Основниот суд Скопје 1 му изрече мерка притвор на избеганиот пратеник и експремиер Никола Груевски за случајот „Талир“.

    „Постапувајќи по предлог на Специјалното јавно обвинителство, кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје денеска донесе решение со кое го уважи предлогот и на обвинетиот Груевски му определи мерка притвор во траење од 30 дена, која ќе важи од денот на неговото пронаоѓање односно лишување од слобода. Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 24 часа до Апелациониот суд“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

    Во случајот „Талир“ Груевски е првоосомничен за перење пари преку незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

    Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот налог оти во домот немаше никого.

    На 12 ноември македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по Груевски.

    На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, а пет часа по објавениот Фејсбук-статус, вечерта на 13 ноември и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

    На 20 ноември Груевски преку Фејсбук соопшти дека Унгарија одговорила позитивно на неговото барање за добивање политички азил.

    „Денес Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија“, напиша Груевски.

    Во долгата објава на социјалната мрежа, осудениот Груевски наведе што напишал во барањето за азил, со тврдења дека избегал за да го заштити својот живот од, како, бројните закани кои му биле упатени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира