Kривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 денеска ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство за предметот „Тврдина“ и сите одлуки на судијата на претходна подтапка ги врати на повторно одлучување. Меѓу нив беше и барањето на СЈО за притвор за Горан Грујовски, началник во МВР кој од тимот на Катица Јанева е осомничен за уништување на прислушна опрема.
„Жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) за лицето Г.Г. кое е опфатено во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“ се уважува, а во врска со решението на судија на претходна постапка од 14.06.2016 година со кое предлогот за определување на мерка притвор од страна на судија на претходна постапка беше отфрлен, денеска советот го укина ова решение и истото се враќа на повторно одлучување пред судија на претходна постапка“, стои во соопштението на Судот.
СДСМ денеска поднесе кривична пријава против судијката Александра Поп-Стефанија поради одлуката да го прогласи СЈО ненадлежно за случајот за уништување на опремата за незаконското прислушување.
Таа во решението со кое го одби барањето на СЈО за притвор на началникот Горан Грујовски навела дека СЈО не е надлежно за овој предмет бидејќи не презентирало конкретен прислушуван разговор од кој произлегува случајот „Тврдина“.
За истиот случај во март годинава на првоосомничениот Кривичниот суд веќе му одреди мерка притвор. Грујовски помина 6 дена во притворското одделение во затворот во Шуто Оризари пред го продoлжи притворот дома, а по аблолицијата му беше укинат и куќниот притвор.
Усвоена е и жалбата на СЈО за за поранаешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за која беше побарана мерка претпазливост. Таа е третоосомничена во случајот „Тврдина“. И за неа случајот се враќа на повторно одлучување.
„По однос на жалбите на СЈО за осомничените лица Т.Ј., Г.Ј., Н.Б. и В.С. исто така опфатени во предметот „Тврдина“, Кривичниот совет донесе решение со кое жалбите се уважуваат, а решението на судијата на претходна постапка од 14.06.2016 година со кое беше отфрлен предлогот на СЈО за определување на мерки на претпазливост, се укинува и се враќа на повторно одлучување“, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Сослушувањето на Јанкулоска и другите тројца осомничени во април беше прекинато оти на судијата што вршеше распит му се слоши. Потоа истиот судија се врати на работа, но замина на одмор. Во меѓувреме дојде аболицијата на претседателот Иванов и со неа се сопре постапката и против началникот Грујовски и против поранешната министерка Јанкуловска.