Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека на Елена Доцевска-Божиновска ѝ биле прекршени правата при постапката за одредување притвор во врска со нападот на Собранието на 27 април 2017 година. Судот во Стразбур, во пресудата од 9 мај, вели дека во нејзиниот случај е прекршена Европската конвенција за човекови права и ја задолжува државата во рок од три месеци да ѝ исплати отштета од 750 евра, плус 850 евра за судски трошоци.
Доцевска-Божиновска, која во 2017 година беше вработена во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, беше притворена на 30 ноември 2017 со одлука на тричлен совет од Основниот кривичен суд Скопје, по жалба на обвинителството, откако таа претходно беше куќен притвор. Обвинителството жалбата до судот ја поднело истиот ден, а Доцевска-Божиновска ја добила утредента, откако судот веќе донел одлука. Нејзината жалба на одлуката за притвор била разгледана од судот на 12 декември и одбиена. На 28 декември таа повторно поднела жалба против притворот и таа била разгледана на 15 јануари и повторно одбиена.
Судот во Стразбур ја прифаќа нејзината жалба дека немала можност да одговори на жалбата на обвинителството и дека судот ги одолговлекувал нејзините жалби.
Доцевска-Божиновска, која беше една од 33-цата обвинети, во декември 2018 година беше опфатена со делумната амнестија за обвинетите за 27 април. Таа сега е советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Куманово.