СУДСКАТА НЕЗАВИСНОСТ НЕ Е ОПРАВДУВАЊЕ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА УСТАВОТ, ИМ ОДГОВОРИ УСТАВНИОТ СУД НА СУДСКИОТ СОВЕТ И ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ

    СУДСКАТА НЕЗАВИСНОСТ НЕ Е ОПРАВДУВАЊЕ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА УСТАВОТ, ИМ ОДГОВОРИ УСТАВНИОТ СУД НА СУДСКИОТ СОВЕТ И ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИОд Уставниот суд велат дека ниту еден закон не е над Уставот и дека празнините во законите мора да се толкуваат низ уставниот дух, а не обратно. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд преку соопштение реагираше на ставовите на Судскиот совет и Здружението на судии, велејќи дека одлуките на овој суд се конечни и извршни и дека судската независност не може да се користи како оправдување за неисполнување на уставните обврски.

    Преписката меѓу Уставниот суд од една страна и Судскиот совет и Здружението на судии од друга страна се случува откако Уставниот суд донесе посебно решение со кое утврди дека судија од Основниот граѓански суд во Скопје не спровел одлука на Уставниот суд. Со претходната одлука од 2025 година, Судот утврди повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска. Бидејќи одлуката не беше извршена, странката побара примена на правните механизми, по што Уставниот суд за неисполнувањето ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет, согласно член 91 од Актот на Судот.

    Од Уставниот суд велат дека судијата од Граѓанскиот суд дал предност на Законот за парнична постапка наместо на Уставот, со образложение дека во законот немало експлицитен основ за повторување на постапката врз основа на одлука на Уставниот суд. Од Уставниот суд велат дека ниту еден закон не е над Уставот и дека празнините во законите мора да се толкуваат низ уставниот дух, а не обратно.

    Според Уставниот суд, независноста при судиското одлучување не значи можност конечните одлуки да се преоценуваат, релативизираат или да им се одложува дејството. Извршувањето на одлуките е еден од темелните принципи на владеењето на правото и нивното почитување претставува постапување во согласност со Уставот, а не потчинетост кон друг орган.

    Во соопштението се додава и дека фактот што судското решение сѐ уште не е правосилно поради изјавена жалба, не ја менува фактичката состојба дека одлуката била игнорирана, заедно со практиката на Европскиот суд за човекови права. Од Уставниот суд наведуваат дека остануваат одлучни во заштитата на уставноста, законитоста и правата на граѓаните.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира