СУМАТА ОД 1,9 МИЛИОНИ ЕВРА Е ЗА РАМКОВНИ СПОГОДБИ, ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 395 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ЗАШТИТНИ СРЕДСТВА И ОПРЕМА, РЕАГИРААТ ОД МВР

    СУМАТА ОД 1,9 МИЛИОНИ ЕВРА Е ЗА РАМКОВНИ СПОГОДБИ, ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 395 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ЗАШТИТНИ СРЕДСТВА И ОПРЕМА, РЕАГИРААТ ОД МВРМинистерството за внатрешни работи нема обврска да изврши набавка на целата количина производи од рамковните спогодби. - Полицајци делат маски на граѓани на пазар во Скопје на 6 мај (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерството за внатрешни работи досега има склучено пет рамковни спогодби во вредност од 1.550.000 евра без ДДВ за набавка на заштитна опрема и средства за заштита од коронавирус, но не е обврзано да изврши набавка на целата количина производи, реагираат од МВР на текстот „МВР потрошило 1,9 милиони евра за итни набавки без објавување оглас, повеќе од сите други институции заедно“. Од склучените рамковни спогодби, велат од МВР, досега имаат реализирано вкупно 24.348.720,00 денари односно околу 395.914,00 евра.

    „Потребата од спроведување на ваков вид на набавка (рамковна спогодба) беше потврдена и од Координативното тело формирано во рамките на МВР кое е составено од претставници од највисоките структури во МВР. Склучените Рамковни спогодби се спроведени согласно член 55 став 6 од Законот за јавните набавки (Сл.Весник бр.24/19) односно по исклучок на став 5 од член 55 договорниот орган нема обврска да добие претходно мислење пред да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување оглас врз основа на став 1 точка од член 55 доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето. Бидејки не можат да се предвидат точните количини на заштитни средства како и времетреањето на вонредната состојба беа склучени неколку рамковни спогодби. Имено , Рамковната спогодба се склучува на определена вредност за која подоцна согласно потребите на договорниот орган се склучуваат поединечни договори во кој е утврдена точната количина на стоките. Тоа значи дека договорниот орган во случајов министерството не е обврзано да ја реализира вкупната вредност за која е склучена рамковната спогодба. Со цел запазување на начелото на конкуренција и транспарентност на постапката, од страна на Министерството за внатрешни работи покани за поднесување на понуди беа доставени до 150 економски оператори. Согласно доставената покана за поднесување на понуда, десет економски оператори доставија понуди до нас , при што преговарањето е направено со сите десет оператори“, велат од МВР.

    Станува збор за следните пет рамковни спогодби:

    • ГИФТИ ТЕКС Дооел Прилеп – хируршки маски со ластик за еднократна упореба – двослојна, хируршки маски на врзување за еднократна упореба – двослојна, на вредност од 58.061.000,00 денари без вклучен ддВ
    • ЛАБТЕХ ДООЕЛ Скопје (Уред за утврдување на телесна температура без контакт со тело) на вредност од 500.000,00 денари без вклучн ддв
    • НЕТАМ Драган ДОО-Скопје (маски со ластик или врзување за повеќекратна упореба) на вредност од 1.500.000,00 денари без вклучен ддв
    • Гемакс Интернационал-Скопје (Автоматски апарат за дезинфекција на раце со 5 литри дезинфекциско средство вклучено при испорака, да работи со неунифицирани течности за дезинфекција) на вредност од 1.000.000,00 денари без ддв
    • БИОТЕК Доо-Скопје (Респираторни маски Н95 или ФФП2 со највисоко ниво на заштита, ракавици за еднократна употреба без талк (М и L) ракавици за еднократна употреба со талк (М и L), Заштитни провидни наочари, Заштитни комбинезони (за еднократна употреба), големина M, L и XL, со капуљача, на предната страна со патент или друг начин на затворање) на вкупна вредност од 34.264.000,00 денари без вклучен ддв.

    „Бидејќи станува збор за рамковни спогодби врз основа на кој се склучуваат поединечни договори со точно утврдени количини врз основа на потребите на организационите единици , договорниот орган не е обврзан да го искористи целиот износ на кој е склучена рамковната спогодба. Станува збор за стоки за кој договорниот орган не е во можност точно да ги предвиди потребните количини поради тоа склучува Рамковна спогодба која е предвидена во Законот за јавни набавки. Од склучените рамковни спогодби Министерството за внатрешни работи досега има реализирано вкупно 24.348.720,00 денари односно околу 395.914,00 евра. Напоменуваме уште еднаш дека со оглед на тоа дека станува збор за рамковни спогодби Министерството за внатрешни работи нема обврска да изврши набавка на целата количина производи“, велат од МВР.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари