СВЕДОЧЕЊАТА НА ОБВИНЕТИ ЗА 27 АПРИЛ ЗА ПЛАНИРАНА ВОЕНА СОСТОЈБА ВОДАТ КОН СОВЕТНИКОТ НА ИВАНОВ СИНИША АЛЕКСОВСКИ, ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАБИНЕТ ОДГОВОРИЈА ТОА СЕ ЛАГИ

    СВЕДОЧЕЊАТА НА ОБВИНЕТИ ЗА 27 АПРИЛ ЗА ПЛАНИРАНА ВОЕНА СОСТОЈБА ВОДАТ КОН СОВЕТНИКОТ НА ИВАНОВ СИНИША АЛЕКСОВСКИ, ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАБИНЕТ ОДГОВОРИЈА ТОА СЕ ЛАГИОд кабинетот на Иванов велат дека давање лажен исказ е кривично дело и ги отфрлија сведоштвата на браќата Младеновски, обвинети за организираниот напад во Собранието на 27 април лани (Фото: СДК.МК)

    Двајца од обвинетите за организираниот напад во Собранието, браќата Стефан и Михаил Младеновски, сведочеа на вчерашното судење како советникот за национална безбедност во претседателскиот кабинет Синиша Алексовски најавил дека Ѓорге Иванов ќе прогласи воена состојба вечерта на 27 април лани, за набрзо потоа од кабинетот на Иванов да реагираат дека станува збор за лаги.

    Прв сведочеше Стефан Младеновски, кој раскажувајќи што се случувало пред Собранието, кажа дека Дејан Димковски-Боксер од УБК од лице Синиша кое работи кај Иванов добил информација дека ќе биде прогласена воена состојба.

    „Откако излеговме, во паркот кај ’Прометеј‘, ги сретнав Кољо и Нинџа. Дојдоа за кратко сите. Дојде и Дејан Димковски-Боксер од УБК, ни рече да не се секираме, дека сите камери ги искршил. Дојде и Игор Југ, се жалеше го оставиле сам. Беше кажано дека во 10 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба. Дека воена полиција веќе има кај Групчин. Но, тоа не се случи, Иванов во 10 повика на мир. Димковски кажа дека таа информација ја добил од лице Синиша кое работи кај Иванов“, сведочеше Стефан Младеновски.

    По него сведочеше и брат му Михаил, кој рече и дека имале информација дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ.

    „Тогаш дојде сив голф со темни стакла, службена кола на УБК, истото со кое доаѓаше во ’Аристократ‘. Му пристапи Нинџа. Во колата имаше панцирни елеци, автомати, пиштоли. Ни беше кажано да се подели оружјето на искусни луѓе, на пример што биле во ’Лавовите‘. Оружјето било за Албанците што доаѓале. Но, стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но, во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече Младеновски.

    Од кабинетот на Иванов велат дека давање лажен исказ е кривично дело и ги отфрлија сведоштвата на браќата Младеновски, кои се меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    „Давање лажен исказ е кривично дело. И по не знаеме кој пат, Кабинетот на претседателот на Република Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27 април“, соопштија од кабинетот на Иванов.

    Советникот Алексовски беше споменат во контекст на 27 април и од српскиот разузнавач Горан Живалевиќ, кој на 27 април беше во Собранието за време на нападот, а на 20 август српските власти го повлекоа во Белград.

    На 23 август, Живаљевиќ кажа дека за неговото присуство во Собранието на 27 април добил дозвола од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, поточно од Синиша Алексовски.

    „Моето пријавување за активностите таа вечер, на 27 април, беше насочено кон самиот кабинет на претседателот и неговиот советник за безбедност“, изјави тогаш Живаљевиќ.

    Српскиот разузнавач рече дека добил одобрување за присуство од советникот за безбедност на Иванов, Синиша Алексовски, за кој кажа дека ја знаел причината за неговото присуство во Собранието и за тоа бил известен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира