ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ БАРАЛ ДА СЕ ФРЛАТ БОМБИ КАЈ ШЕЌЕРИНСКА И ШИЛЕГОВ ДОМА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТ КОЈ НОСЕЛ ПИШТОЛ ПРИ НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ БАРАЛ ДА СЕ ФРЛАТ БОМБИ КАЈ ШЕЌЕРИНСКА И ШИЛЕГОВ ДОМА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТ КОЈ НОСЕЛ ПИШТОЛ ПРИ НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛТогашната пратеничка и заменик-претседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска имаше хируршка интервенција на главата поради повредите што ги доби кога беше нападната во Собранието при упадот на толпата на 27 април 2017 (Фото: Радио Слободна Европа/принтскрин)

    Во 18.30 часот вечерва, обвинетиот за организираниот напад на Собранието на 27 април лани Захарие Симовски застана во Основниот суд Скопје 1 да ја дава својата одбрана на денешното рочиште. Симовски e меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, а почна со тоа дека од 2015 му станал личен телохранител на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа за кого обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски во своја одбрана претходно кажаа дека во Собранието таа вечер на негов повик со него заедно влегле 10-темина притворени.

    „За време на предизборната кампања во 2016 година, од Нинџа добивавме наредба да бидеме втор обрач обезбедување на Никола Груевски. Одевме секаде на митинзи со Груевски. Нинџа ме имаше задолжено со пиштол од 2015 година, но никогаш не сум го употребил“, рече Симовски.

    И тој, како и браќата Младеновски, зборуваше за контактите со тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски, со избеганиот Никола Бошковски-Прскач, со Дејан Димковски-Боксер од Петтата управа и други. Зборуваше и тој за насоките од Нинџа да се фрлаат молотови коктели кон ДИК за време на протестите  на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016, но за среќа, рече, не дошло до тоа.

    „По 27 април, Владимир Атанасовски побара да се фрлат бомби во домовите на Петре Шилегов и на Радмила Шеќеринска, но и да му го запалиме автомобилот на Љубомир Фрчкоски. Јас им кажав дека кај Рада и кај Шилегов нема никој дома. Планот не се реализираше“, сведочеше Симовски.

    Кажа дека Атанасовски не бил задоволен од масовноста на протестот.

    Ексдиректор на УБК Владимир Атанасовски не е меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.

    „Нинџа им понудил на припадници на навивачката група Фемили од Аеродром, на Корка, син на покојниот Орце Коруновски и на Скеч, имињата не им ги знам, да донесат млади луѓе, но тие го одбиле. Затоа ги врбувал патриотските здруженија. Нинџа одеше и во кабинетот на Груевски. Мене во палатата на ВМРО-ДПМНЕ влез не ми дозволија“, рече Симовски.

    „Дента на 27 април лани отидов во 14.30 часот во рестоанот ‘Дион’. Дејан Давидовски-Дешо кој е во бегство, ми кажа да го земам ‘и тоа, таквото’, што беше шифриран збор за оружјето. Отидов носејќи го ‘таквото’. По 18.40 со маските на главата се упативме кон Собранието.  Правевме притисок на вратата, но не се отвораше. Одеднаш, вратите одвнатре се отворија. Го видов Владо Јовановски, ја смируваше толпата. Се упативме нагоре кон салата Длаборез. Полицијата не реагираше, нè пушти горе. Внатре во прес салата, кога членот на обезбедувањето на Спасовски истрела еден куршум, Игор Југ го репетираше пиштолот”, сведочеше обвинетиот Симовски.

    Кажа дека набргу го напуштиле Собранието. Отишле во паркот Жена-борец спроти Собранието. Дошол Никола Бошковски од УБК. Кажал дека на плоштад има луѓе, Албанци со бомби, чекаат само знак. Нинџа рекол: „Има и тука луѓе што знаат да пукаат“. Потоа отишле во „Аристократ“, кафулето на Нинџа во Автокоманда.

    „Го испраќаме и Александар Василевски-Нинџа дома, на полноќ завршува 27-ми април”, рече Симовски.

    Александар Василевски-Нинџа е брат на Благоја Василевски, кој беше обезбедување на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски додека тој на 27 април лани беше на службен пат во Виена. Според обвинението, Благоја му се јавил на Нинџа околу 14.30 часот, по што почнала акцијата за напад на Собранието.

    На прашање на обвинителката Вилма Русковска кој носел оружје при нападот на Собранието, Симовски рече: „Јас, Игор Југ и Јане Ченто“.

    Симовски кажа дека во мај 2017 ги прекинал сите контакти Нинџа чиј телохранителот беше дотогаш.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира