ТАБЛИТЕ СО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГО ПОЧЕКААТ ПИСМОТО ДО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ДЕКА ИМАМЕ НОВО ИМЕ

    ТАБЛИТЕ СО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГО ПОЧЕКААТ ПИСМОТО ДО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ДЕКА ИМАМЕ НОВО ИМЕУште нема точен рок кога ќе почне промената на таблите со Република Македонија со табли со Република Северна Македонија, во нашите дипломатско-конзуларни претставништва во светот, во Владата и нејзините институции и на граничните премини, планирани во првата тура од реименувањето на ознаките; - Од промената на таблите „Александар Велики“ на аеродромот, кој беше преименуван во Меѓународен аеродром Скопје на 26 февруари 2018 (фото: Ѓ. Личовски)

    Нема утврдено точен рок во кој треба да се сменат таблите Република Македонија со Република Северна Македонија во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, на зградите во сопственост на Владата и на граничните премини, што се договорени како прва тура за преименување. Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој е поставен за прв човек на владината интерресорска група за спроведување на овие активности, најавува прецизни владини заклучоци за 12 февруари.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК до МНР дали веќе се испраќаат известувања до земјите кои нè признале под уставното име, дека Република Македонија веќе не важи и оти новото име е Република Северна Македонија, од МНР одговорија дека првин ќе биде известен Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за датумот на влегување во сила на Конечната спогодба со Грција.

    Република Македонија ќе се викаме уште само неколку дена, а потоа државата ќе се вика Република Северна Македонија.

    „По исполнување на сите правни услови за влегување во сила на Конечната спогодба и уставните амандмани, Владата на Република Македонија, ќе го објави во Службен весник датумот на влегување во сила на уставните амандмани и Уставниот закон. Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји. По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останатите меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени. Сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена“, велат од МНР.

    Грчкиот парламент на 8 февруари го ратификуваше Пристапниот протокол за Македонија да му се приклучи на НАТО, со 153 гласа „за“ и 140 гласа „против“. Пристапниот протокол сега треба да биде ратификуван и од останатите 28 земји членки на Алијансата, по што Македонија со новото име Северна Македонија ќе стане 30. членка.

    По официјалната промена на името следува отворање амбасади во Македонија и Грција. Досегашните канцеларии за врски во Скопје и Атина прераснуваат во амбасади.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира