ТАРАВАРИ СЕ ПИШМАНИ, ВО БАРДОВЦИ ОСТАНУВА СТАРИОТ ДИРЕКТОР

    ТАРАВАРИ СЕ ПИШМАНИ, ВО БАРДОВЦИ ОСТАНУВА СТАРИОТ ДИРЕКТОРМинистерот за здравство Арбен Таравари денес повторно го врати на функцијата досегашниот директор Ќамиљ Ковачи, кој го разреши пред пет дена, а на негово место го именуваше Виктор Исјановски. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Арбен Таравари се пишмани за директорот на психијатриската болница Бардовци. Тој денес повторно го врати на функцијата досегашниот директор Ќамиљ Ковачи, кој го разреши пред пет дена, а на негово место го именуваше Виктор Исјановски.

    Од Министерството за здравство не кажаа зошто се пишманил министерот. Само кусо кажаа дека во Бардовци останува досегашниот директор Ковачи.
    Нова директорка на Геронтолошкиот завод Скопје е Салија Љатиф, соопшти Министерството за здравство. Таа доаѓа на местото на досегашната директорка Ленче Нелоска, која до пред три месеци беше и заменик претседател на Лекарската комора.

    Пред три дена Министерството за здравство соопшти дена на местото на Нелоска е именувана Елена Костова, која пак вчера во објава на својот фејсбук профил напиша дека нејзиното именување на директорското место не е реализирано, оти самата се повлекла за да нема судир на интереси, бидејќи нејзиниот сопруг Кристијан Костов е именуван за дректор на градската општа болница „8 септември“ .

    Денес е разрешен и директорот на Институт за белодробни заболувања кај децата Козле Оливер Зафировски, а на негово место е именуван Ангелчо Андоновски.
    Нов директор доби и Универзитетска клиника за ревматологија, односно со оваа клиника ќе раководи Филип Гучев.

    „Разрешени се економските директори во клиничките болници во Тетово и Штип, во клиниките за радиотерапија и онкологија, за кардиологија, за кардиохирургија, за клиничка биохемија, за неврохирургија, за дигестивна хирургија, за пластична хирургија, за торакална и васкуларна хирургија, за гастроентерохепатологија и клиниката ТОАРИЛУЦ. Стоиме зад донесените одлуки и веруваме дека заеднички со овие кадри ќе ја реализираме нашата визија за подобро здравство. Редовно ќе ја следиме работата на новите в.д. директори и ќе реагираме ако изостануваат очекуваните резултати“, велат од Министерството за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира