ТЕХНИЧКА ВЛАДА 100 ДЕНА ПРЕД ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ЌЕ ИМА САМО УШТЕ ЕДНАШ, ПОТОА СЕ БРИШЕ ОД ПРАВНАТА РЕГУЛАТИВА

    ТЕХНИЧКА ВЛАДА 100 ДЕНА ПРЕД ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ЌЕ ИМА САМО УШТЕ ЕДНАШ, ПОТОА СЕ БРИШЕ ОД ПРАВНАТА РЕГУЛАТИВАТехничката влада не се роди од европски идеал, туку од македонска демократска болест, кажа Фатмир Битиќи од СДСМ (Фото:СДК.МК)

    Собранието со 70 гласа „за“ попладнево ја укина техничката влада, која подразбираше 100 дена пред парламентарните избори, клучните министерства кои служеа за заплашување и поткуп на гласачите во времето на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, да бидат дадени на опозицијата.

    Премиерот се повлекуваше, на негово место се поставуваше технички премиер, само до изборите, односно и за време на нивното одвивање и целосно завршување.

    За измените на Законот за Влада кои се донесоа со просто мнозинство, имаше само 11 гласа „против“.

    Оваа законска измена нема да стапи на сила веднаш, туку ќе има одложено дејство, но опозициската СДСМ докрај остана против. Ова беше причината партијата да не учествува и во работната група во Министерството за правда за измена на Изборниот законик, кој е системски закон и за него не само што е потребен консензус на сите партии, туку и двотретинско мнозинство за изгласување.

    За претстојните парламентарни избори ќе важат досегашните правила, односно повторно ќе се формира техничка влада на 100 дена пред денот на гласањето, но за изборите по нив, техничката веќе не постои.

    Пред гласањето пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ кажа дека без техничка влада нема фер избори.

    „Техничката влада е клучен механизам за обезбедување фер и демократски избори. На прв поглед се наметнува како тема поврзана со институционална хигиена, а всушност отвора многу подлабока политичка рана. Се претставува како рационализација на системот, како враќање кон нормалноста и ослободување на изборниот процес од едно преодно решение. Но, овде лежи политичкото, егзистенцијално прашање од кое Владата бега: дали Македонија конечно изгради држава во која никому нема да му биде потребна техничка влада?“, рече Битиќи, потсетувајќи дека овој модел не е европски стандард, туку резултат на слабости и тешки злоупотреби во системот.

    Владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, смета дека во Македонија демократијата е зрела и оти овој модел на дуплирање на функциите пред избори е само трошење на парите на граѓаните.

    „Техничката влада не се роди од европски идеал, туку од македонска демократска болест. Таа беше дел од Пржинскиот политички аранжман, постигнат со посредство на Европската Унија, во време на длабока политичка и институционална криза. ЕУ не ни донесе техничка влада затоа што таков модел е врвен демократски стандард, туку затоа што тогаш Македонија немаше доволно европски квалитет на владеење“, рече Битиќи.

    Ваквиот модел на техничка влада произлезе од Пржинскиот договор од 2015 година.

    Во техничката влада, министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика ги предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието. Опозицијата, исто така, предлага дополнителни заменици-министри во уште три министерства.

    Се менува и премиерот, но тој се именува на предлог на актуелната власт.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира