ТЕЛЕКОМ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДОБИЕНО ОФИЦИЈАЛНО БАРАЊЕ ОД СЈО ЗА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРИТЕ

    ТЕЛЕКОМ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДОБИЕНО ОФИЦИЈАЛНО БАРАЊЕ ОД СЈО ЗА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРИТЕСпецијалната обвинителка Катица Јанева на 19 октомври минатата година влезе во УБК за да изврши претрес и контрола на системите за следење на комуникации, но вели дека мора да и се обезбеди пристап и до системите за следење во телекомуникациските оператори. (Фото: скриншот Телма)

    Телеком нема добиено официјално барање од Специјалното јавно обвинителство за средба со  осумтемина членови на Одборот на директори од Германија и Унгарија, тврдат од Македонски Телеком во дописот што го доставија утринава до Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК насловен како Демант на текстот: „Катица ќе влегува во Телеком со помош на Германските директори“ објавен на порталот „Сакам да кажам“ на 19 април, 2017 година.

    КАТИЦА ЌЕ ВЛЕГУВА ВО ТЕЛЕКОМ СО ПОМОШ НА ГЕРМАНСКИТЕ ДИРЕКТОРИ

    „Македонски Телеком нема добиено официјално барање од СЈО како што е наведено во текстот на порталот „Сакам да кажам“ на 19 април, 2017. Компанијата соработува со надлежните државни органи и согласно законската регулатива не може да ги коментира постапките кои што се водат од нивна страна“, стои во демантот на компанијата.

    Реакцијата на компанијата доаѓа по објавата на веста во средата дека Специјалното јавно обвинителство пред први мај ќе има средба со осумтемина членови на Одборот на директори на македонскиот Телеком од Германија и Унгарија, откако и по четири обиди не доби судски налог за претрес во рамки на две истраги поврзани со масовното прислушување од 2008 до 2015 година.

    СЈО потврди дека побарале од Валтер Голдениц, Михаел Франк, Андреа Шаги, Петер Жом, Карој Швејнингер, Андреас Маиерхофер, Сузане Крогман и Атила Кесег, неизвршни и независни членови во Одборот на директори, да дадат согласност обвинителите да извршат претрес во компанијата откако се соочи со опструкции од претставниците на македонскиот државен капитал во компанијата и од судот кој измислува разни причини за да не даде налог за претрес. Тие велат дека се одлучиле на ваков пристап откако Небојша Стајковиќ, Жарко Луковски, Владимир Здравев, ексминистерот за образование Панче Кралев и Александар Стојков, македонските членови на Одборот, неколку месеци одбиваат да потпишат таква согласност.

    „Граѓаните биле масовно прислушувани без судски налог, доказите ги има во Телеком и ова обвинителство не се откажува од претрес во компанијата и наоѓањето на останатите докази потребни за истрагите „Таргет“ и „Тврдина“,велат во СЈО.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира