ТИЕ ШТО МЕ ЗНААТ ВЕРУВААТ ВО МОИТЕ КАПАЦИТЕТИ ДА БИДАМ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ЃОРЃИ ФИЛИПОВ ГО ИЗНЕНАДИ СДСМ СО ПРИЈАВАТА ДА БИДЕ НИВЕН КАНДИДАТ ЗА ШЕФ НА ДРЖАВАТА

    ТИЕ ШТО МЕ ЗНААТ ВЕРУВААТ ВО МОИТЕ КАПАЦИТЕТИ ДА БИДАМ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ЃОРЃИ ФИЛИПОВ ГО ИЗНЕНАДИ СДСМ СО ПРИЈАВАТА ДА БИДЕ НИВЕН КАНДИДАТ ЗА ШЕФ НА ДРЖАВАТА„Знам, умеам и можам да ја реализирам мојата визија за европска Македонија“, професорот Ѓорѓи Филипов со претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ (фото: од приватниот фејсбук профил на Филипов)

    Професорот на Факултетот за информатика (ФИНКИ) на државниот универзитет„Свети Кирил и Методиј“ д-р Ѓорѓи Филипов поднесе пријава за кандидат за претседател на државата на повикот што го објави владејачкиот СДСМ. Тој е поранешен амбасадор во Берлин и во Виена.

    Филипов досега не се експонирал во партиските тела на СДСМ, па неговата пријава на повикот дојде како изненадување во партијата во која подолго време се шпекулира со повеќе имиња за кандидати. Неговото име до сега го немаше ни во анкетите за мерење на рејтингот на можните партиски кандидати.

    „Со голема самодоверба тврдам дека знам, умеам и можам да ја реализирам мојата визија за европска Македонија“, вели професорот Филипов кој одлуката да се кандидира ја донел во  консултација со најблиските и семејството.

    „Иницијативата беше и на многу мои пријатели, познаници, колеги од Македонија и надвор од неа, кои ме познаваат, кои веруваат во моите капацитети, знаења и искуство и сметаат дека оваа одговорна задача ќе можам успешно да ја обавувам за доброто на сите граѓани на Република Македонија“, рече професорот Филипов.

    Повикот на СДСМ е отворен до 19 февруари, а Филипов е прв што се јавува како можен кандидат за претседател. Партијата има закажано конгрес на 3 март на кој ќе го избере својот кандидат за изборите кои се закажани за 21 април.

    Филипов, претставувајќи ја својата кандидатура пред медиумите, рече дека повеќе го сака терминот „заеднички“, отколку „консензуален“ претседател и најави дека ако биде избран ќе делува по принципот – едно општество за сите.

    „Сите сакаат да живеат во мир и безбедност, со здрав и чист воздух, квалитетно образование, добро здравство”, рече Филипов на прес конференцијата.

    На прашањето зошто се пријавува на повикот на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ и зошто не оди како независен кандидат, тој одговори дека неговите ставови и визија се поблиски до оние што во моментов ги промовира СДСМ за евроатланските перспективи на Македонија.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира