Државниот секретар на САД Рекс Тилерсон ja поддржа реформската агенда на македонската влада и ја повика да истрае во нејзиното спроведување, на вчерашната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Вашингтон.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија (МНР), Тилерсон рекол дека Македонија е на добар пат да има успех и да биде пример за регионот, а нагласил и дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бараат начини како да помогнат.
Димитров му кажал на Тилерсон дека Владата постепено ќе го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно барањата на НАТО, како придонес во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот. Во врска со односите со соседите и состојбите во регионот, Димитров рекол дека нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност. Тој го запознал Тилерсон и со актуелностите во процесот за надминување на разликата за името со Грција.
Стејт департментот досега не издаде соопштение за што се разговарало на средбата. Претходно на својот сајт објави кратко видео од пречекот на Димитров, при што е најавено дека тој ќе одржи билатерална средба со Тилерсон.
Ова е прв пат по 2008 година македонски министер за надворешни работи да биде примен на билатераална средба кај државниот секретар на САД во Стејт департмент. Последна ваква средба беше по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008, кога тогашниот претседател на САД Џорџ Буш не успеа да ја внесе Македонија во НАТО заедно со Хрватска и Албанија. Во мај, 2008, тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Антонијо Милошоски и тогашната државна секретарка Кондолиза Рајс го потпишаа договорот за страетешко партнерство и соработка меѓу Македонија и САД.
Инаку, Амбасадата на САД во Скопје изјави дека дека сè уште не се знае кој ќе го наследи актуелниот амбасадор Џес Бејли, откако излезе Ал Џезира објави дека заменикот помошник на државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија Брајан Хојт Ји, ќе биде новиот амбасадор на САД во земјава.
„Претседателот Доналд Трамп сè уште нема никого номинирано за иден американски амбасадор во Македонија. Кога ќе има номинација, јавно ќе ја соопштиме“, изјави вчера за МЕТА Амбасадата на САД.