ТОДОРОВ МУ ДАДЕ ДВЕ ДРЖАВНИ КОЛИ НА ГРУЕВСКИ НА ПОСЛЕДНИОТ ДЕН КАКО ЗАМЕНИК ПРЕМИЕР

    ТОДОРОВ МУ ДАДЕ ДВЕ ДРЖАВНИ КОЛИ НА ГРУЕВСКИ НА ПОСЛЕДНИОТ ДЕН КАКО ЗАМЕНИК ПРЕМИЕРПоранешниот премиер Никола Груевски го прими Никола Тодоров во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 1 јуни по нападот со гасен пиштол врз поранешниот министер за здравство.

    Никола Тодоров, како заменик премиер во владата на Емил Димитриев, му одобрил две службени возила за користење на поранешниот премиер Никола Груевски на 31 мај, денот кога нешто пред полноќ беше избрана новата влада на Зоран Заев. Одлуката е објавена во Службен весник наредниот ден, а станува збор за две возила „фолксваген пасат“.

    Според Законот за влада, поранешните премиери имаат право на шестчлено обезбедување и службено возило и возач во период колку што биле на функцијата. Во случајот на Груевски, тоа се девет и пол години, а му остануваат уште осум години да ги користи овие привилегии, кои се предвидени со законските измени донесени во 2013 година.

    Една недела претходно, долгогодишниот министер за здравство, повторно во улога на вицепремиер во техничката влада, потпишал одлука за распределба на 800 илјади евра, пари од буџетот на државата, наменети за финансирање на здруженија и фондации.

    Техничката владата на чело со Емил Димитриев на 30 март го објави огласот за финансиска поддршка, а сумата што годинава им се дава на организациите е четири пати поголема споредено со изминатите години. Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации дојде 3,5 месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија на 17 декември, 2016, од каде го објави прогласот на партијата и најави десоросоизација на невладиниот сектор во земјава.

    Тодоров на 29 мај на Фејсбук објави дека си поднесува оставка на функцијата пратеник во Собранието и кажа дека планира во иднина да се посвети на адвокатската професија и да даде поголем придонес во партиските активности.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари