ТРАМП ЈА НОМИНИРАШЕ ПРАВНИЧКАТА КРИСТИ МЕККОРМИК ЗА НОВА АМБАСАДОРКА НА САД ВО МАКЕДОНИЈА

    ТРАМП ЈА НОМИНИРАШЕ ПРАВНИЧКАТА КРИСТИ МЕККОРМИК ЗА НОВА АМБАСАДОРКА НА САД ВО МАКЕДОНИЈАНоминацијата сега оди во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, кој треба да одржи јавно сослушување за потврдување и да ја испраша кандидатката. (Фото: Американска влада)

    Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ја номинираше Кристи Меккормик од Калифорнија за амбасадор на Соединетите Американски Држави во Македонија. Покрај Меккормик, Трамп испрати до Сенатот номинации за амбасадори и за Пакистан, Обединетите Арапски Емирати, Бурунди, Сенегал и Мали.

    Номинацијата сега оди во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, кој треба да одржи јавно сослушување за потврдување и да ја испраша кандидатката. Потоа, целиот состав на Сенатот на САД ќе гласа за номинацијата.

    Доколку биде потврдена, Меккормик ќе биде десетти амбасадор на САД во Македонија. Во моментов функцијата вршител на должноста амбасадор во земјава ја извршува Никол Варнс, откако претходната амбасадорка Анџела Агелер во декември 2025 година беше отповикана од функцијата по три години поминати во Скопје.

    Кристи Меккормик беше едногласно потврдена од американскиот Сенат на 16 декември 2014 година за комесар во Комисијата за изборна помош на САД, функција што ја извршуваше до 9 јули 2026 година.

    Од 2006 година до нејзиното именување во Комисијата за изборна помош, Меккормик работела како виш судски застапник за гонење на прекршоци поврзани со дискриминација според федералните закони за гласање во Одделот за гласање при Дивизијата за граѓански права во Министерството за правда на САД.

    Од 2009 до 2010 година била распоредена од заменик-државниот обвинител како виш правен советник и вршител на должноста заменик-координатор за владеење на правото во Американската амбасада во Багдад, Ирак. Таму работела како американски експерт за избори надгледувајќи ги националните избори во Ирак.

    Пред да се приклучи на Министерството за правда, од 2003 до 2006 година била судски соработник во Апелациониот суд во Вирџинија, а од 2001 до 2003 година работела како помошник на државниот обвинител и помошник на генералниот правобранител во Канцеларијата на државниот обвинител на Вирџинија.

    Меккормик дипломирала на Универзитетот во Бафало, а докторирала правни науки со почести на Правниот факултет на Универзитетот Џорџ Мејсон

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира