ТРЕЗОРИСТОТ ПЕТ ДЕНА ГИ КРАДЕЛ ПАРИТЕ ОД НЛБ, МВР НЕ КАЖУВА ДАЛИ СЕ НАЈДЕНИ

    ТРЕЗОРИСТОТ ПЕТ ДЕНА ГИ КРАДЕЛ ПАРИТЕ ОД НЛБ, МВР НЕ КАЖУВА ДАЛИ СЕ НАЈДЕНИСлужбеникот трезорот на НЛБ го празнел од 6 до 10 април годинава, при што украл вкупно 2,4 милиони швајцарски франци и 645.000 евра, а најголемите износи ги изнел од банката завчера, кратко пред случајот да биде пријавен во полиција (Фото: НЛБ)

    Банкарскиот службеник Б.С., сторителот на најголемиот грабеж на банка во историјата на Македонија, трезорот на НЛБ го празнел од 6 до 10 април годинава, при што украл вкупно 2,4 милиони швајцарски франци и 645.000 евра, а најголемите износи ги изнел од банката завчера, кратко пред случајот да биде пријавен во полиција, соопшти МВР. Во соопштението МВР не изнесува податоци дали парите се пронајдени.

    Полицијата вчера заедно со кривична пријава за затајување го предала на Основното јавно обвинителство 40-годишниот трезорист на НЛБ, по што судија на претходна постапка му одредил 30-дневен притвор.

    МВР вели дека Б.С. ја искористил својата работна позиција и во време кога во трезорот имало намалена фреквенција на вработени, трипати крадел различни суми пари без да биде забележан. Првиот плен му биле 100.000 швајцарски франци, односно извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци од 1.000.000 швајцарски франци што требало да бидат испратени авионски. Потоа, незабележан од никого, неколкупати првично украл 375.000 евра од трезорот, а потоа и 300.000 швајцарски франци.

    Завчера, како што вели МВР, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок пари, украл уште два милиони швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, ги ставил во кеса и околу 13 часот, незабележан ја напуштил НЛБ. Уапсен бил вечерта од „алфите“ откако НЛБ го пријавила случајот во полиција.

    Полицијата направила претрес на неговиот дом, како и на други локации, а извршила и разговори со одговорни лица во НЛБ АД Скопје и со други вработени лица во банката. Вели дека се обезбедени писмени докази кои укажуваат на свесноста и на намерата на Б.С. да го изврши кривичното дело, а прегледани се и снимките од безбедносните камери.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира