ТРИ ДЕЦА СО МАЛИ СИПАНИЦИ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА, БОЛНИЦИТЕ ЗАБРАНИЈА ПОСЕТА ДОДЕКА ТРАЕ ЕПИДЕМИЈАТА

    ТРИ ДЕЦА СО МАЛИ СИПАНИЦИ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА, БОЛНИЦИТЕ ЗАБРАНИЈА ПОСЕТА ДОДЕКА ТРАЕ ЕПИДЕМИЈАТАСкопските клиники деновиве по барање на Министерството за здравство забранија посета кај болните, како една од противепидемиските мерки. (Фото: СДК.МК)

    На Клиниката за инфективни болести во последното деноноќие биле прегледани шест нови пациенти заразени со сипаници (морбили), а три биле задржани на лекување.

    „Останатите се амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување. Од децата што се примени на Инфективна клиника едното е двегодишно дете од село Моране, второто е двегодишно дете од Ѓорче Петров и третото е 3,5 годишно од Гази Баба. Тие не посетувале градинка и не биле вакцинирани. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат вкупно 27 болни“, велат од Министерство за здравство

    Од Министерството апелираат родителите да ги вакцинираат своите деца со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит), бидејќи болеста и натаму се шири, а компликациите од неа може да бидат сериозни.

    „Во текот на денешниот ден вакцинирани се 202 деца, а од почетокот на епидемијата во Скопје која беше прогласена на втори јануари досега вкупно се вакцинирани 4825 деца“, велат од Министерството за здравство.

    Педијатриските ноќни пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Ѓорче Петров“ работат од 19.30 до 7.30 часот, а за време на викенди 24 часа. Од Министерството за здравство апелираат доколку родителите забележат симптоми на мали сипаници децата да ги однесат прво кај матичен лекар или во педијатриските пунктови, а ако има потреба лекарот ќе оцени дали да ги препрати на Клиниката за инфективни болести.

    Забраната за прием на невакцинирани деца во градинките и училиштата останува на сила, а таа ќе важи и по завршување на епидемијата.

    Пред неколку дена здравствените власти соопштија дека со мали сипаници се разболеле и вработени на Клиниката за детски болести, а вчера дека од болеста се заразила и 35 годишна воспитувачка во детската градинка „Весели цветови“ во скопската општина Кисела Вода.

    „Апелираме противепидемиските мерки да се сфатат крајно сериозно и да се применуваат без отстапки“, велат од Министерство за здравство.

    Како една од противепидемиските мерки Министерството за здравство побара скопските клиники да забранат посета кај болните кои се хоспитализирани кај нив додека трае епидемијата. Деновиве комисиите за интрахоспитални инфекции на секоја од клиниките заседаваше и донесе вакви мерки.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира