ТРИТЕ КОНФИСКУВАНИ СТАНА НА ГРУЕВСКИ ОД ПРЕДМЕТОТ „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“ ПАК ОДАТ НА АУКЦИЈА, КВАДРАТОТ СТАРТУВА ОД НАД 4.000 ЕВРА

    ТРИТЕ КОНФИСКУВАНИ СТАНА НА ГРУЕВСКИ ОД ПРЕДМЕТОТ „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“ ПАК ОДАТ НА АУКЦИЈА, КВАДРАТОТ СТАРТУВА ОД НАД 4.000 ЕВРАПроцедурата ќе се спроведе преку јавно наддавање на 29 јули, а сите заинтересирани купувачи ќе имаат можност лично да го разгледаат просторот на 16 јули. (Фото: Агенција за управување со одземен имот)

    Агенцијата за управување со одземен имот повторно ги става на продажба трите запленети станови на поранешниот премиер Никола Груевски, кои беа конфискувани во судскиот процес за случајот „Плацеви на Водно“. Ова е повторен обид за продажба на недвижностите на Водно со поглед на Скопје, откако првата аукција пред една година заврши без успех.

    Според огласот, два од апартманите имаат површина од по околу 200 квадратни метри и дополнителни тераси од речиси 50 квадратни метри. Почетната цена за овие два објекти изнесува по 850 илјади евра, што значи дека наддавањето за квадратен метар започнува од сума над 4.000 евра. Третиот стан е со големина од 150 квадратни метри, но има голем балкон од околу 95 квадратни метри, а неговата почетна вредност е утврдена на 760 илјади евра.

    Процедурата ќе се спроведе преку јавно наддавање на 29 јули, а сите заинтересирани купувачи ќе имаат можност лично да го разгледаат просторот на 16 јули.

    Овие недвижности станаа државна сопственост по правосилната судска пресуда со која беше утврдено дека Груевски, во соучесништво и преку партиски донации во ВМРО-ДПМНЕ, противзаконски присвоил 1,3 милиони евра. Овие пари потоа биле пуштени во оптек за купување на земјиштето и за изградба на резиденцијалните објекти. Поранешниот премиер, кој од 2018 година се наоѓа во бегство во Унгарија, за овој случај е осуден на деветгодишна казна затвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира