Царинската управа на Република Македонија соопшти дека вчера отворила истрага против царинскиот службеник Александар Трајковски, кој минатата недела беше фотографиран во Будимпешта заедно со осудениот и избеган експремиер Никола Груевски додека бил на боледување. Како што информираат од Царинската управа, истрагата е во врска со неговото отсуство од работа.
„Од царинскиот службеник побарана е изјава за отсуството од страна на инспектори од Секторот за професионална одговорност, и истиот го доставил извештајот за привремена спреченост за работа, поврзан со неговото отсуство. Исто така, отворена е истрага и побарани се докази и извештаи од Фондот за здравствено осигурување“, велат од Царинската управа.
Трајковски се појави на вчерашното рочиште за случајот во Основен суд Скопје 1, каде изјави дека во Унгарија бил на специјалистички преглед за синусите и дишните патишта и дека со Груевски се сретнал како со сопартиец.
Царината вели дека истрагата е поврзана со почитувањата на нивните правила за ред и дисциплина, со член 81 од Законот за работни односи член 81 и со колективниот договор.
„За текот на истрагата и резултатите од можна злоупотреба на отсуството согласно актите на Царинската управа и законските прописи, јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Царинската управа.
Трајковски е еден од обвинетите заедно со Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и група учесници за кршењето на општина Центар во 2013 година.
Трајковски, според претходните информации од Царинската управа на петти овој месец го известил својот раководител дека е на боледување.
Е. БОЧВАРОСКА