ЦАРОВСКА ГИ ПОВИКА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА ИМ ИСПЛАТАТ НАДОМЕСТОЦИ НА НАСТАВНИЦИТЕ ЗА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ПАНДЕМИЈАТА

    ЦАРОВСКА ГИ ПОВИКА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА ИМ ИСПЛАТАТ НАДОМЕСТОЦИ НА НАСТАВНИЦИТЕ ЗА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ПАНДЕМИЈАТАОд Министерството за образование велат дека се префрлени пари на Општините. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за образование Мила Царовска ги повика градоначалниците и директорите на училиштата да им исплатат надоместок за прекувремена работа на наставниците. Откако утрово од СОНК најавија дека учебната година нема да заврши и учениците нема да добијат свидетелства, Министерството за образование информираше дека парите за оваа намена се префрлени на општините.  Од таму велат дека уште во месец октомври испратиле писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства.

    „Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, посебно во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година. Министерството за образование и наука (МОН) апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците. МОН редовно и навремено ги уплаќа блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата. Во повеќе наврати апелиравме до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот“, велат од Министерството за образование.

    Министерството дало и детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обратила за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата.

    Од СОНК денеска на прес-конференција кажаа дека голем број општини и училишта не исплаќаат надоместок на наставниците кои во пандемијата работеле повеќе часови бидејќи децата биле поделени во групи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира