ЦАРОВСКА И КОМПАНИИТЕ ЌЕ СОРАБОТУВААТ ЗА ОТВОРАЊЕ НОВИ ПАРАЛЕЛКИ ВО СТРУЧНИТЕ ШКОЛИ

    ЦАРОВСКА И КОМПАНИИТЕ ЌЕ СОРАБОТУВААТ ЗА ОТВОРАЊЕ НОВИ ПАРАЛЕЛКИ ВО СТРУЧНИТЕ ШКОЛИМинистерката Царовска, германскиот заменик-амбасадор Ото Граф и генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов во четвртокот разговараа за отворање неколку паралелки во средно стручно училиште. (Фото: МОН)

    Осумдесет и пет отсто од компаниите во земјава се подготовени да соработуваат со средните стручни училишта, да се отворат посебни паралелки и да примаат ученици на практична настава, вели Министерството за образование и наука (МОН). Министерството започнува процес на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година.

    Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите ќе разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта.

    Од Министерството веќе спровеле анализа која им дава јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво.

    „ Во анализата учествуваа 450 компании од цела држава, од кои дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар. Првите вакви средби ќе се одржат утре во Свети Николе и Штип со градоначалници, директори од средни стручни училишта, претставници на меѓународни организации и институции и претставници на Стопанските комори и на компаниите“, велат од кабинетот на министерката Мила Царовска. Овој проект се реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.

    Во повеќе општини во земјава веќе неколку години функционира системот на дуално образование, со поддршка на Германската амбасада во Македонија, преку која средношколците учат, се обучуваат во германски компании во земјава за што добиваат и паричен надоместок.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира