ЦАРОВСКА ИМ ЦИТИРАШЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ДЕЛОВИ ОД ПРЕДИЗБОРНАТА ПРОГРАМА КАДЕ ШТО ВЕТУВААТ ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ

    ЦАРОВСКА ИМ ЦИТИРАШЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ДЕЛОВИ ОД ПРЕДИЗБОРНАТА ПРОГРАМА КАДЕ ШТО ВЕТУВААТ ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИМинистерката кажа и каква штета во овој ресор направило владеењето на оваа партија, зашто мора да се справуваат со сериозни правни проблеми со фирмите кои добиле вечни тендери за печатење на лоши учебници.(Фото: СДК.МК)

    Министерката за образование и наука Мила Царовска од собраниска говорница денеска на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им ги цитираше од нивната предизборна програма деловите каде што ветуваат дигитални учебници.

    И не само тоа, туку и кајшто ветува ВМРО-ДПМНЕ е-учење и изработка на видео материјали од наставниците, сѐ она, за кое таа се залага, а како што рече, е опструирана токму од оваа опозициона партија, која „ги лаже и манипулира граѓаните“.

    „Сакам да кажам денеска што правите и затоа ја отворив вашата програма со која што трчавте на избори. Ги лажевте граѓаните, затоа што денеска зборувате против дигитализација, модернизација, против осовременување на образованието, сте против промена на системот на образование, притоа во вашата програма сте ги ветиле овие работи. Како единствен проект што го имате во проект 4 и проект 15 од вашата програма, е дигитализацијата, платформа за е-учење и подготовка на видео материјали од страна на наставниот кадар. И – дигитални учебници! Па сето тоа за кое ние денеска зборуваме!“, одговори таа на прашање на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Потоа се наврати на тоа каква штета во овој ресор направило владеењето на оваа партија, поради која Министерството мора да се справува со сериозни правни проблеми со фирмите кои добиле вечни тендери за печатење на катастрофално лоши учебници.

    „12 години ВМРО-ДПМНЕ владееше и имаше можност од образованието да направи нешто што го гледаме во развиените европски земји, со парите кои ги потроши на глупости. И тоа граѓаните го знаат. И, тоа го направивте насила, ги лажевте и ги лажете граѓаните, а план за подобрување на образовниот систем никогаш немавте! Имавте само лични интереси, од кои денес, баш денес, се обидуваме да се отплеткаме, затоа што за неколку фирми загарантиравте ексклузивни права на учебници кои што се екстремно неквалитетни. И, плативте за програми од прво до трето одделение 3 милиони евра. Повторувам, 3 милиони евра! Сума која ни е потребна за да имаме целосно реконструирани и опремени училници и училишта“, рече Царовска од говорницата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира