Членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партиски поддржувачи и пратеничките Невенка Стаменковски и Жаклина Пешевска дојдоа пред Кривичниот суд да им дадат поддршка на обвинетите за одмаздничкото уривање на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
„Дојдени сме да им дадеме поддршка на обвинетите во ‘ТНТ’, но судот не нè пушти внатре од безбедносни причини. Судењето е јавно, не знаме зошто не нè пуштаат внатре“, вели Александар Трајковски, обвинет во „Насилства и шамари во Центар“, кое судење, исто како „ТНТ“, е на самиот крај.
По низа обиди за блокирање на распитот на обвинетите Миле Јанакиески, Тони Трајковски, ексградоначалник на Гази Баба и четворица вработени во Општината, што кулминираше вчера со бојкот на адвокатите на судењето поради што добија парични казни од по 2.000 евра, денеска партиското членство се собра пред судот.
Адвокатите Мерџан Даути и Донче Наков, кои вчера беа казнети, не дојдоа ни денеска.
„Како тоа се на други судења, ова не е судење? Како ангажирате несериозни адвокати?“, праша судијата Огнен Ставрев.
Даути бараше превод на целиот предмет на албански јазик, откако на крајот на овој судски процес обвинетата Елисавета Најдовски реши да му го откаже полномошното на адвокатот Димитар Дангов и да најми адвокат Албанец.
Следува сослушување на обвинетите денеска, по што ќе следуваат завршни зборови на обвинителот и на обвинетите, односно одбраната, па пресуда.
- САКАМ ДА ГО ИСПРАШАМ ФИЈАТ ЦАНОСКИ, ТОЈ КОНТАКТИРАЛ И ТОЈ СЕ ДОГОВАРАЛ СО ГРУЕВСКИ, ПОБАРА ОБВИНЕТИОТ ВО „ТНТ“ МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ
- АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ВО „ТНТ“ НЕ ДОЈДОА, НОВИ БЛОКАДИ ДА СЕ ОДОЛГОВЛЕЧИ СУДЕЊЕТО ДО ПЕНЗИОНИРАЊЕТО НА ПОРОТНИК
Во „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.
С. К. ДЕЛЕВСКА