Министерството за здравство вели дека тужбите не се решение, зашто се труди итно да ги надмине наследените проблеми од претходното раководство, откако Здруженијата на дијабетичари денеска со протестно писмо му најавија дека ќе го тужат оти и по осум месеци не ја добија ветената антидијабетска терапија, игли, ленти, глукомери, лицата со дијабетес.
„Министерството за здравство во целост ги разбира Здруженијата на дијабетичари со кои е во постојан контакт. Апсолутно сме на иста страна во овој случај и даваме максимални напори да ги корегираме пропустите на претходното раководство на Министерството за здравство, кое задоцнило со сите процедури и не ги следело препораките на Комисијата навремено да започне со постапките. Од првиот ден министерот д-р Фатмир Меџити е во комуникација со Здруженијата и пациентите и транспарентно ги посочи наследените проблеми и причините за пролонгирање на набавките. Здруженијата на почеток од следната недела ќе бидат повикани повторно на средба и уште еднаш заеднички ќе се разговара за состојбата и ќе бидат информирани за процедурите кои течат во моментот за набавка на потребната терапија. Тужби не се решение ниту има потреба од нив затоа што Министерството е партнер со здруженијата, но ако тие веќе решиле да тужат, тоа треба да биде насочено кон претходното раководство кое ги создаде проблемите кои денес се труди Министерството да ги надмине. Уште еднаш апелираме за воздржаност и разбирање, бидејќи се прави апсолутно се што е во моќ на министерството, запазувајќи ги правните процедури и рокови од кои едноставно не можеме да отстапиме“, соопшти Министерството.
Од Сојузот на Здруженија на дијабетичари од Македонија (СЗДМ) потсетија дека на 21 јули, на средбата со министерот за здравство Фатмир Меџити, писмено било ветено дека антидијабетната терапија ќе биде достапна до 27 јули, ленти и глукомери ќе има за десет дена, а денес 11 август ништо од ова ветување не е реализирано.