Шефицата на организиран криминал и корупција Вилма Русковска за тајното сликање и протекувањето на првата страна од исказот на Орце Камчев во Обвинителството, прстот го впери во судот. Таа не кажа кој суд, дали Основниот суд Скопје 1 или Апелациониот суд Скопје, бидејќи копиите со докази и искази од овој предмет биле во двата суда.
„Одговорно тврдам дека документи од истрагите, кои се тајни, не истекуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Кај нас документите се оригинали. Фотографијата од исказот на првата страница на сведокот беше сликана од копија и тоа убаво се гледа. Предметот со доказите првпат беше донесен во судот на 15 јули 2019 година, кога се бараше притвор за прво и второосомничените за рекетирање. Вторпат беше донесен кога се бараше продолжување на мерките притвор, што значи по околу еден месец и третиот пат, кога се бараше притвор за обвинител (Катица Јанева н. з.), изјави вечерва Русковска, откако кај судија на претходна постапка во Кривичниот суд ги изнесе аргументите за барање притвор на уапсената потпретседателка на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовновски-Боки 13 Јасна Мандиќ.
Русковска кажа дека утре ќе поднесе обвинение за „Рекет“ и ќе побара продолжување на притворот за Боки 13, Јанева и Кичеец. Во „Рекет“ Боки 13 е првоосомничен дека изнудил 1,5 милиони евра од Орце Камчев за тој да биде ослободен од обвинението во случајот „Империја“ на СЈО. Русковска рече дека парите биле пуштени во промет, затоа ќе има обвинение за перење пари.
Тврдењето, пак, на адвокатот на Боки 13 дека некој му се јавил, а во неговиот именик се напишало „Лајка“ и му понудил да му го продаде исказот на второосомничениот Зоран Милески-Кичеец, Русковска воопшто не го зема за сериозно. Се насмеа на прашањето за оваа наводна продажба на исказ и новинарите ги упати сами да ја истражат веројатноста на таа изјава на адвокатот.
С. К. ДЕЛЕВСКА