УАПСЕНИ ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“, ВОЗАЧОТ И УШТЕ ПЕТМИНА ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ

    УАПСЕНИ ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“, ВОЗАЧОТ И УШТЕ ПЕТМИНА ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИКако што кажа шефот на Основното јавно обвинителство Скопје Сашо Рајчев причина за сообраќајната несреќа е неисправност на кочниците на автобусот и брзината со која возел шоферот. - Од увидот на превртениот автобус (Фото: Ѓ. Личовски)

    Уапсени се седум лица за автобуската несреќа кај селото Ласкарци што се случи на 13 февруари и во која загинаа 15 патници. Осомничени за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот се сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, раководителот на фирмата, возачот, три лица кои работеле во фирмата која правела технички преглед на автобусот и едно лица кое издавало потврда дека автобусот е исправен.

    Како што кажа шефот на Основното јавно обвинителство Скопје Сашо Рајчев причина за сообраќајната несреќа е неисправност на кочниците на автобусот и брзината со која возел шоферот, а била над дозволената од 80 километри на час.

    „Од денот на несреќата до денес се води интензивна истражна постапка. Истрагата покажа дека сопирачките биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед во јули 2018 година му било дадена дозвола за работа. Истото и покрај неправилностите било направено и при техничкиот прием во декември 2018. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Возачот тој ден возел со 99 километри на час. За возила над 3 тони дозволена брзина е 80 километри на час. Автобусот е тежок 15 тони. Неисправноста на кочниците и големата брзина се причина за сообраќајката“, рече Рајчев.

    Рајчев рече дека истрагата утврдила дека возачот во еден момент поради големата брзина изгубил контрола и излетал од автопатот. Пробал да закочи кога удрил во оградата на автопатот, но поради неисправност на кочниците и големата брзина не успеал и поради тоа паднал во провалијата.

    Сите седум лица се наоѓаат во полициска станица. Денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка. Обвинителството ќе бара мерка притвор за 6 лица односно за возачот, сопственикот и раководителот на „Дурмо Турс“ и за лицата вработени во фирмата за технички преглед на автобусот. За лицето кога дало потврда за исправност на возилото ќе се бара мерка претпазливост.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари