УЧЕНИЦИТЕ ДО 20 НОЕМВРИ ДА СЕ ОЦЕНАТ ОНЛАЈН ИЛИ ПО ПОТРЕБА ВО УЧИЛНИЦА, ВЕЛИ МОН

    УЧЕНИЦИТЕ ДО 20 НОЕМВРИ ДА СЕ ОЦЕНАТ ОНЛАЈН ИЛИ ПО ПОТРЕБА ВО УЧИЛНИЦА, ВЕЛИ МОНУчебната година во земјава се одвива со физичко присуство и онлајн, во зависност од одделението на ученикот и капацитетите на училиштето; - Од почетокот на учебната година на 1 октомври во скопската општина Карпош. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Учениците да ги добијат првите сумарни оценки до 20 ноември, со оглед на тоа што наставата оваа учебнна година почна на 1 октомври, е препораката на Бирото за развој на образованието (БРО) и Државниот просветен инспекторат.

    Учебната година во земјава се одвива со физичко присуство и онлајн, во зависност  од одделението на ученикот и капацитетите на училиштето.

    Министерството за образование и наука (МОН) вели дека во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со овие ученици, преку наставниците кои ќе ги следат нивните постигнувања и ќе ја формираат оценката.

    МОН и БРО апелираат до наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина.

    „Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно,  наместо усвојување на фактографско знаење. Ова е  впрочем и цел на образованието и на реформите кои ќе следуваат“, велат од МОН.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира