УЧЕНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА СТРУЧНИТЕ СЛУЖБИ ВО ШКОЛИТЕ, ВЕЛИ ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    УЧЕНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА СТРУЧНИТЕ СЛУЖБИ ВО ШКОЛИТЕ, ВЕЛИ ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛУчениците и родителите имаат најмногу доверба во одделенскиот раководител и кај него прво би се обратиле во случај на повреда на некое право на детето. (Фото: СДК.МК)

    Ниска е довербата на учениците и родителите во стручните служби во училиштата, покажа истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН).

    Податоците од истражувањето од проектот „Децата на 1. место“ , кој почна на 16 јануари 2023, а ќе трае до 15 јануари 2026, денеска ги презентираше Елизабета Марковска-Спасеноска, а говореше и Васка Бајрамовска-Мустафа, државна советничка и раководителка на Одделот за заштита на правата на децата при Народниот правобранител. Денеска се одбележува Светскиот ден на детето.

    Преку анкетата со три фокус групи биле опфатени 648 ученици од 75 основни училишта од седмо до деветто одделение, 325 наставници од предметна настава од 79 училишта од 39 општини и 541 родител.

    „Најголем дел од учениците (32,9 отсто) и мнозинство родители (68,4 отсто) имаат најмногу доверба во одделенскиот раководител и кај него прво би се обратиле во случај на повреда на некое право на детето, по што следува директорот на училиштето, а на трето место според степенот на доверба се стручните служби“, стои во истражувањето.

    Во однос на ученичкиот правобранител како механизам за заштита на правата на детето во училиштето, загрижува податокот, вели анализата, дека мнозинството ученици (60 отсто) изјавиле дека во нивното училиште нема, или не знаат дали има ученички правобранител. Спротивно на ова, 79 отсто од училиштата што биле вклучени во истражувањето во 2021 од Народниот правобранител, изјавиле дека имаат воспоставено ученички правобранител.

    „Ваквата разлика во податоците го покренува прашањето за начинот на избор на ученичкиот правобранител и учеството на учениците во тој процес, како и поголема информираност на учениците за овој механизам“, вели Марковска-Спасеноска.

    Васка Бајрамовска-Мустафа меѓу говорниците на денешното преставување а истражувањето. (Фото: СДК.МК)

    Истражувањето покажало дека постои насилство во основните училишта, што го потврдуваат 43,4 отсто од учениците, додека наставниците, иако во помал дел, сепак потврдуваат дека насилството е присутно во училиштата.

    „Загрижувачки е фактот дека од вкупно 648 вклучени ученици во истражувањето, 298 ученици или 46 отсто изјавиле дека биле жртви на насилство. За најголемиот дел од учениицте (40,7 отсто), најчест облик на насилство е вербалното насилство, по што следуваат телесното повредување и емоционалната злоупотреба“, додаде таа.

    Според сите три групи испитаници, еднакво и момчињата и девојчињата се јавуваат како жртви на врсничко насилство. Според учениците, дете што најчесто е изложено на насилство е повлечено/интровертно дете, потоа дете што потекнува од сиромашно семејство , па дете со попреченост. Според учениците, доминантен профил на сторители на насилство се децата од богато семејство, додека пак според наставниците и родителите, тоа се хиперактивните деца.

    Во однос на реакцијата на надлежните во училиштата во случаите на насилство, наставниците и учениците, имаат различни ставови. Имено, повеќе од една третина од учениците (37,2 отсто) сметаат дека одговорните служби во училиштето не реагираат целосно соодветно и навремено на случаите на насилство.

    Меѓу препораките по спроведеното истражување, се наведува дека МОН и Државниот просветен инспекторат треба да воведат поголема контрола врз примената на одредбите од член 65 во Законот за основно образование, за да се осигура дека ученичкото учество суштински се применува во практика, како и дека училиштата и наставниците треба да овозможат информирање и запознавање на децата со сите механизми преку кои се остваруваат правата на детето во училиштен контекст.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира